Интернационалниот саем за храна Тера Мадре, кој годинава се одржува по 12.пат во Торино, освен изложбениот дел, изобилува со голем број форуми, конференции, работилници за вкусови и часови за готвење, но и голем простор за улични кујни, крафт пиво и многу други иницијативи по градот, како што се театарски претстави и концерти.
Во внатрешниот двор на Кралската палата (Palazzo Reale) е сместена Енотеката кадешто можат да се дегустираат голем број најразлични вина, додека камионите за приготвување на храна се поставени на соседниот Кралски плоштад (Piazzetta Reale).
Токму овие камиони се она што мора да се види, а особено да се проба бидејќи, освен вообичаената понуда, содржи и некои за нас сосема нови и поинакви вкусови. На пример, Бафалобургер! Погодувате, станува збор за хамбургер со плескавица од месо од бафало, а тоа, се разбира, не е нешто што може да го најдеме во нашите сендвичари од типот на „Чичко Стоилко“.
На истиот плоштад се и големите садници со зачини, но и со дрвца на кои растат калинки, лимони, смокви…
И ако сето тоа ви е малку и сакате да пробате ама баш се, тука се и големиот број кафетерии кадешто до пладне можете да пиете врвно капучино кое чини помалку од 2 евра, а можете да најдете и комплетен ручек со врвна италијанска пица, чаша вино и шише вода кој ќе ве чини околу 10-12 евра.
Во меѓувреме, целиот град живее во ритамот на Слоу фуд и добрата храна.