Томислав Болфек од Загреб е најдобриот европски специјалист за Меру Чикитца, една од древните ајурведски терапии кои потекнуваат од Индија, но денеска се користат ширум светот. Ајурведа е најстариот, сеопфатен систем за заштита на здравјето, кој и официјално беше признаен од Светската здравствена организација на нејзиниот конгрес во 1977. година кога ја препорача нејзината примена и популаризација.
Го искористивме второто доаѓање на Томислав Болфек во Македонија за да поразговараме со него.
Важите за најдобар европски специјалист за Меру Чикитца…Кога првпат се сретнавте со овој третман и како и зошто почнавте и самите да се занимавате со него?
Со Меру Чикитца третманот се сретнав за првпат во 2003.година. Од секогаш ме фасцинирала Ајурведа и другите емпириски знаења кои им помагале на луѓето на сите континенти, на пример, во нашите краеви – лекувањето со треви. По струка сум инженер по прехранбена техонологија и уште пред 25 години почнав да се интересирам за додатоците на исхраната кои ги препорачува ајурведа, на пример, Амрит Калаш (тоа е денеска една од најдобро истражените ајурведски формули која покажува добри резултати кај разни симптоми), Чиаванпраш, Трифала, како и за третманите кои ги подобруваат здравјето и виталноста како Абхианга, Марма терапија, Меру Чикица и така натаму (наведувам некои од нив по азбучен редослед).
Што точно подразбира третманот Меру Чикитца, кои и зошто најчесто доаѓаат кај вас за овој третман?
Третманот Меру Чикитца подразбира подигање и ослободување на праните (суптилни животни енергии) во телото и како последица на новата рамнотежа во телото се јавуваат многу позитивни ефекти за целиот систем (нервниот, мускулниот, коскениот), влијае на емоциите, на позитивните мисли…накусо, третманот е искуство и мора да се доживее за да се разбере.
Инаку, доаѓаат сите луѓе, и болни и здрави и духовни трагачи и деловни луѓе…сите имаат добробит од Меру Чикитца.
Денеска сите поминуваме многу време седејќи, живееме во загадени градови во токсични односи…
Можете ли да ни опишете какво е чувството после овој третман?
Чувството после Меру Чикитца е индивидуално и многу се разликува од човек до човек. Тоа е толку суптилно и првенствено зависи од поврзаноста на личноста сама со себе. Знаете, во ова време на интензивно користење на мобилни телефони, таблети и компјутери се случуваат и различни видови на оттуѓеност. Оттуѓеност не само од другите луѓе, туку и од самиот себе, од своето тело, дишењето, емоцииите, мислите и вистинските желби. На многу луѓе им требаат неколку третмани за да почувствуваат медитативен мир, спокој, енергизираност, ново здравје.
Вие се занимавате и со јога и веројатно имате и некој свој здрав стил на живот, и воопшто, и кога станува збор за исхраната. На пример, денеска е во тренд сировата храна, ја практикувате ли и вие?
Јас долга низа години се бавам првенствено со медитации и со техники на дишење. Таквите техники се толку природни и специфични за сите континенти.
Кога ќе видите сосема мало дете, бебе, поголемиот дел од времето тоа е целосно во хармонија со ритамот на своето дишење и во една блажена состојба на умот. Тоа искуство повеќето од нас го имаат некаде во меморијата и кон таа љубов и хармонија на свеста во животот и тежнееме.
Што се однесува до исхраната, преферирам веганска со по некој додаток на млечни производи.
Сировата храна мора да биде застапена во нашата исхрана. Исто така, Ајурведа препорачува дека сировата храна не треба да ни биде единствена исхрана затоа што со неа можеме силно да ја исфрлиме од рамнотежа својата Вата доша (Се верува дека трите доши според ајурведата, ги контролираат сите телесни функции на човекот. Зборот „доша“ во превод значи „сокови на телото“ или „маани“ бидејќи нивното нарушување предизвикува болест).
На ова треба особено да внимаваат лицата кои имаат претежно Вата конституција (Нашата конституција или нашата Пракрити се нешто со што се раѓаме и таа никогаш не варира, исто како нашите отпечатоци.)
За секој од нас е најдобро да го дознае тоа на консултација кај ајувердски лекар. Колку што сум јас информиран, во центарот на „Уметност на живеење Македонија“ еден врвен лекар би требало да дава консултации на почетокот од мај и сметам дека тоа е можност која не треба да се пропушти.
Кога можеме да ве очекуваме повторно во Скопје?
Повторно ќе бидам тука во средината на мај на покана на Уметност на живеење Македонија и со радост ќе дојдам затоа што во меѓувреме станавме и прекрасни пријатели.
Драгица Христова