Неколку дена откако претседателот на САД Доналд Трамп им објави војна на новинарите, нарекувајќи ги медиумите „непријатели на народот“ и го откажа своето присуство на вечерата со известувачите од Белата куќа, новинарите добија поддршка од еден од најсаканите американски актери: Том Хенкс.
Хенкс на репортерите им испрати машина за еспресо кафе со белешка на која пишува:
„Продолжете со добрата борба за Вистина, Правда и за Американскиот начин. Особено за Вистината“, пишува на белешката.
Машината која била доставена со кутии со дози за кафе Illy, е изгравирана со слоганот од производителот: „За Музика – Пучини. За Уметност – Бернини. За Еспресо – Пасквини“.
Ова не е првиот апарат за кафе што актерот им го подарил на известувачите од Белата куќа. Во текот на 2004 при посетата на Белата Куќа, Хенкс бил изненаден кога дознал дека новинарите немаат машина за кафе која е во функција, па им испратил една.
Тој дури и проверил во каква состојба е апаратот за кафе стар 6 години за време на својата посета на Белата Куќа во 2010 година.
„Знаете, би требало да ја чистите после секоја употреба“, се пошегувал тој за CNN. Пред да си оди ветил дека ќе ја замени со нова и неколку дена подоцна, пристигнал нов модел.
Ова е третпат како актерот Том Хенкс им испраќа машина за правење на еспресо на известувачите од Белата куќа.