Специјалитети од цветови од тиквици? Зошто да не

Цветовите од тиквици се берат во раните утрински часови, кога ќе процветаат и најдобро е да се јадат истиот ден затоа што до утредента веќе почнуваат да венеат. Како и тиквиците кои со време израснуваат, и цветовите се добар извор на витамин Ц, калиум и фолати.

0
325

Се јадат свежи, во салати, а можат да послужат и како декорација на јадењата, но најдобри се пржени, особено полнети, на пример, со урда или рикота затоа што во тој случај ќе добиете совршена комбинација на кремаво и крцкаво. Урдата можете да ја збогатите со рендан пармезан, свежи ароматични зачини, или пак со моцарела, инчуни, или пак со парченца пршут.

Цветови полнети со урда и пармезан

Потребни состојки:

10 цветови тиквици

Три лажици урда

Пармезан по вкус

По желба во смесата додадете исечкан свеж босилек и оригано и лажичка пропржени исечкани пињоли или семки од тиква.

Смеса:

1,5 дцл многу ладна минерална вода

2-3 лажици брашно

Приготвување:

Измешајте ги урдата, пармезанот и исечканиот босилек и наполнете ги цветовите. Секако, претходно измијте ги, оставете ги да се исушат и отстранете им ги петелките, како и толчниците и прашниците. Наполнете ги со приготвената смеса и завиткајте им ги врвовите за да не истече.

Смеса: Измешајте ги брашното и добро оладената минерална вода. Натопете ги цветовите во смесата и пржете ги на силно загреано масло максимум две минути. Откако ќе ги извадите од маслото, ставете ги на хартиена салфета  за да се впие вишокот масло и послужете ги топли.