Соберете го пршутот и здиплете го во стомак!

0
1014

Иновативното решение на Бобан Симоновски, готвач и шеф на кујна во „Скара бар“ е едно од најинтересните што сме ги виделе во последно време. Станува збор за таканаречена даска со мезе која тој ја дизајнирал на еден нов и поинаков начин од што е вообичаено и наместо „даска“, како што обично ја нарекуваат, ја крстил – „вешерај“. Свесен дека и неговиот назив е србизам, шеф Бобан Симоновски вели дека така му дошло во првиот момент, а сега веќе луѓето се навикнале па и ако го сменат името, тие ќе си продолжат да нарачуваат „вешерај“.

„Сакав да продавам добар пршут, ама никако не ми успеваше. Одлучив да смислам нешто што ќе им биде интересно на луѓето и направив „вешерај“, вели шеф Бобан за својата иновација.

Инаку, Бобан Симоновски, освен што е шеф на кујна во „Скара бар”, има и бројни медали и признанија, а меѓу најновите е пехарот за најдобар готвач и златните медали за чорба од риба, подготвување национално јадење на модерен начин, традиционална кујна и јадење на скара кои ги освои на третиот Меѓународен гастро-туристички шампионат Ниш 2016. Симоновски, заедно со своите колеги е оснивач и член на новото здружение на готвачи „Мacedonian multiethnic culinary chef’s – MMCC“ кое стартуваше со работа на Меѓународниот гастрономски фестивал во Босна, од каде што триумфално се вратија со многу медали и признанија.

Членови на ова здружение, освен Бобан Симоновски се неговите колеги и пријатели, шеф Марк Де Јонг, шеф Никола Мишковски, шеф Дејан Карапеев, шеф Зоран Мајновски, шеф Зоран Андонов и менаџерот за односи со јавност – Асан Даутовиќ.