Капсаицинот, клучната состојка во лутите пиперки кој им дава таков вкус, може да го забави ширењето на ракот на белите дробови, велат американските научници од универзитетот Маршал во Западна Вирџинија, пишува Дејли Мејл.
Научниците ги проучиле ефектите на капсаицинот на три типа клетки на ракот во лабораторијата. Тим од научници открил дека таа состојка го запрела првиот чекор на ширење на ракот, познат како метастаза.
Со тестови врз глувци кои се бореле со ширење на метастази утврдено е дека оние кои внесувале капсаицин имале помали подрачја на агресивни клетки на ракот во белите дробови. Со натамошни тестови е утврдено дека капсаицинот ги сузбил метастазите на ракот на белите дробови блокирајќи го протеинот кој игра клучна улога во растот на клетките.
„Ракот на белите дробови и други облици на рак обично метастазираат на секундарни локации како што се мозок, црн дроб или коски, што го отежнува лекувањето“, рекол Џејми Фридмен, автор на студијата. Навел дека истражувањето укажува декa капсаицинот од лутите пиперки може да претставува нова терапија против метастазите кај пацинетите заболени од рак на бели дробови.
Тој додал дека за клиничка употреба на капсаицинот дека да се надминат неговите непријатни ефекти како што се гастроинтестинална иритација, грчеви во стомакот и чувство на печење или горење. Во Британија годишно се забележуваат 46.400 случаи на рак на бели дробови и 35.500 смртни исходи.
Во САД годишно се дијагностицираат околу 230.000 нови случаи на оваа болест, која убива околу 140.000 луѓе.
Повеќето пациенти кои добиваат рак на бели дробови, кој во раната фаза е без симптоми, се пушачи или поранешни пушачи.
Научниците велат дека капсаицинот го активира клетоќниот рецептор TRPV1, кој контролира со кој материи растечките клетки на ракот можат да се хранат. Борејќи се против овој рецептор, растот на клетките се претвара во самоуништувачки процес и како што сѐ повеќе клетките на ракот изумираат, така туморот престанува да расте. Други експерименти покажале дека семејството на соединенија во кои спаѓа и капсаицинот можат да ги убиваат клетките на ракот со напад на митохондриите, нивно главно упориште.
Фото: Pixabey