Денеска (13 декември) е Денот на Света Луција, која во Шведска ја сметаат за кралицата на светлината. Имено, светлото е главниот момент на денот на Св. Луција, затоа што нејзиното име кое доаѓа од латинскиот збор лукс, значи светло. Денот се слави блиску до најкраткиот ден во годината.
Токму затоа, традиционално, на овој ден се приготвуваат и колачињата лусикатер кои поради шафранот во нив, имаат жолта боја и ја симболизираат сончевата светлина. Во нив, шеф Магнус задолжително става и суво грозје.
Имено, за прославата во Скопје, годинава, амбасадата на Кралството Шведска го повикала мастершефот Магнус Албректсон кој обично во Скопје доаѓа да готви за Деновите на шведската кујна во јуни.
Инаку, за овој празник Швеѓаните традицонално ги прават и колачињата пеперкока со цимет и со ѓумбир, како и традиционалниот топол напиток познат како глог.
Станува збор за варено вино со зачини кое се сервира во чаша во која претходно се ставаат лупени бадеми и суво грозје.
„Нам ни недостасува светлина особено во овој период од годината, па веројатно тоа е причината поради која сме почнале да ја прославуваме Света Луција“, вели шеф Магнус.
Со него зборувавме за традицијата околу Божикните и новогодишните празници во Шведска, за традиционалната храна, за наследените обичаи, но и за модерните навики на Швеѓаните и нивната омилена храна.
Иако кога зборуваме за Шведска храна, пред сѐ, мислиме на чаден лосос и харинги, шеф Магнус објаснува дека кујната и навиките се различни во северниот и во јужниот дел од Шведска.
„Да ве потсетам, Шведска е многу издолжена земја. Она што е специфично горе, во северните делови на Шведска, не може да биде специфично и за јужна Шведска. Во Шведска на пример, освен чаден лосос и закиселена харинга, се јаде многу свинско месо, а на Божикната трпеза значајно место зазема свинската шунка. Инаку, и кај нас, како и во целиот свет, најпопуларна брза храна се бургерите, а бидејќи и генерално, во Шведска долго време се јаде многу месо, постојат и многу ресторани со месо, но можам да забележам и по себе и воопшто, дека и зеленчукот зазема сѐ повеќе простор во нашите чинии и вегетаријанската храна сѐ повеќе доаѓа. И јас за разлика од претходно сега многу повеќе работам со зеленчукот.
Впрочем, кога станува збор за месо, нема многу начини на кои тоа може да се приготви, но кога станува збор за зеленчук, е тука веќе има стотици варијации на приготвување и многу креативност, па така, ако еден шеф е креативен со зеленчукот, тој ќе биде популарен и успешен. На пример, замислете само на колку начини може да се подготви една обична главица кромид! Промените доаѓаат постепено, но дефинитивно, сега имаме повеќе зеленчук во чинијата.
Некои од техниките кои се користат во шведската кујна потекнуваат од времето кога луѓето немале фрижидери, па тие биле начин за да се зачуваат прехранбените производи. За да не се расипат тие се приготвувале со маринирање, ферментирање, сушење, конзервирање со сол, чадење, итн. Сите тие техники се користат и денеска, но само поради вкусовите“, објаснува шефот.
За вечерашната прослава шеф Магнус го подготви менито со шведски специјалитети, но свое место ќе имаат и македонските сувомеснати производи кои шефот смета дека имаат извонреден квалитет, и секако, македонскиот зеленчук, бидејќи тој е голем фан на шопската салата.
Дел од традицијата за Божик во Шведска, освен Божикната шунка со мустард, иако од поново време, традиција се и свинските ребра и малите колбасички, исто така од свинско месо.
На трпезата се наоѓаат и лосос со мустард и капари, гравлакс со сос од мустард и копар, круши со шафран на Vasterbotten сирење…
Што се однесува до прашањето дали во Шведска се јаде здрава храна, шеф Магнус вели дека не е многу оптоварен со прашањето што е здраво, а што не, но дека не се воздржува од употребата на путер и свинска маст. Според него, кога станува збор за здравјето, најголема опасност е шеќерот, а не мастите.
А кога сме кај шеќерот, го запрашавме шеф Магнус и кои се најпопуларните слатки во Шведска.
„Ако станува збор за пецива, секако, тоа се полжавчињата со цимет. Дефинитивно“, рече тој.
И така, откако поразговаравме со главниот „виновник“ за вечерашната „шведска маса“, шеф Магнус Албректсон, со главната готвачка во шведската резиденција во Скопје Соња Тодорова и со останатите кои вредно ја приготвуваа храната за вечерва, ги пробавме и традиционалните колачиња – лусикатер со шафран и пеперкока со цимет и со ѓумбир и наздравивме со традиционалниот глог. Потоа, се разбира, си заминавме. Се гледаме вечерва!