Сладок, а без шеќер, вкусен, а посен: колач од сѐ и сешто

Најинтересно е да правите колач без рецепт. Некогаш ќе го промашите, некогаш ќе го погодите, ама никогаш нема да можете да го повторите

0
497

Кога сакате да направите нешто здраво, а слатко, не ви треба рецепт. Употребете сѐ што ќе ви текне и гледајте да запамтите.

Ако ви успее, сигурно ќе сакате да го повторите.

Сега ќе напишеме што сѐ има вo овој тукушто измислен здрав и посен колач, а за количините – ќе морате да се обидете самите да процените колку од што треба да ставите.

Состојки:

Овошје по избор – ние ставивме сливи и праски

малку кафеав шеќер – само за поросување на овошјето

маџун

3-4 урми

млеко од ориз

цимет, рум, ванилин шеќер (за овошјето)

кокосово масло

рогач

какао

мелени ореви + сечкани оревчиња за поросување врз овошјето

брашно по избор (ние ставивме еден дел бело брашно, еден дел пченкарно, и еден дел гриз)

1 пудинг од ванила

1 прашок за пециво

Приготвување:

Намачкајте ја тепсијата во која ќе се пече колачот со кокосово масло.

Одозгора исечкајте го овошјето за да се покрие дното, а врз него поросете цимет, малку кафеав шеќер, сечкани оревчиња и попрскајте малку рум. Расфрлете одозгора уште малку кокосово масло.

Во еден сад растворете го млекото од ориз (ако е во прав).

Ставете  маџун, омекнато кокосово масло, и сите останати состојки како што ќе ви дојде и прилагодувајте ги во зависност од густината на тестото кое не треба да биде ниту премногу течно, ниту премногу густо.

Истурете го тестото врз овошјето и распоредете го за да се покрие.

Печете половина час на 180 степени.