Фросина и Тони Ивановски се сопружници, едни од многуте во Македонија кои секојдневно се борат за подобар живот за себе и за своите деца, се вложуваат максимално во сѐ што работат и не се плашат, а и ако се плашат, сепак се осмелуваат и прават смели чекори ризикувајќи да успеат – или да банкротираат.
Тони е сопственик на мал маркет во една скопска населба во која соседите никогаш не можат да останат гладни бидејќи и кога немаат пари кај него можат да купуваат на рабуш, а Фросина е секогаш во некоја кујна…до неодамна, тоа беа туѓи, а од годинава, и во своја кујна (добро, не баш своја бидејќи нивниот семеен ресторан е земен под наем).
Нивниот семеен ресторан во близина на средното уметничко училиште, во скопската општина Центар, работи од годинава, значи само 4 месеци, но веќе има свои редовни клиенти.
Вчера тоа беше една пензионерка која со задоволство си ја сркаше својата чорба, едно поголемо бучно друштво кое се мезеше со свежи салати, печени пиперки и по некое тазе печено мевце на скара, двајца господа во костуми кои си добија домашна храна – готвено јадење на денот беше турлитавата, но имаше и неколку преостанати сармички од лозов лист од вторничното мени (за кои се молевме да не ни ги земат пред нос) и се разбира, ние, од Арт кујна.
Освен седечки, тие веќе имаат и „летечки“ муштерии кои доаѓаа да си ја земат храната што претходно си ја порачале по телефон…И сите тие се веќе нивни верни фанови кои, ако не заради нив, тогаш барем заради самите себе – едноставно, се навикнале наместо да готват, да си земаат секој ден свежо зготвена храна за дома, им посакуваат да бидат вечни и успешни и да не си одат од нивното маало.
И кога ќе видите како сето тоа добро функционира а околу вас е секогаш љубезниот, насмеан и симпатичен келнер Владо (исто така дел од семејството и дел од персоналот на многу скопски ресторани во изминатите 20 години), ќе помислите дека внатре има барем 3-4 шефови (порано ги викавме готвачи), асистенти или мали вредни џуџиња кои работат во малата кујна за сѐ да биде толку вкусно и домаќински направено.
Но, кога работата ќе стивне, а од внатре ќе се појави уморното но убаво и насмеано лице на госпоѓа Фросина, ќе сфатите дека е таа единствениот голем шеф таму. Оваа нежна и убава русокоса жена која изгледа како да не може да крене потешко од вилушка, сепак успешно се мечува со машата и секојдневно подготвува барем едно или две готвени јадења, различни салати и јадења по нарачка, а на крајот знае да ве изненади и со нешто благо. Главен снабдувач и тркач е Тони, а Владо е задолжен гостите да бидат навреме и квалитетно послужени и се разбира, да се чувствуваат како единствени гости во ова семејно гнездо.
Инаку, кога ќе кажеме шеф, повеќето од нас замислуваме маж во бела униформа и готвачка капа кој во едната рака држи нож, а со другата мафта наоколу издавајќи им наредби на своите асистенти, уиграни до автоматизам. И навистина, најголемите шефови на денешницата се во поголем дел – мажи. Тие се славни, собираат ѕвездички, заработуваат милиони, а патем, го продаваат и своето лице преку ТВ екраните, пишуваат книги и се сликаат за насловни страници.
Секако, повеќето од нив ќе ви кажат дека животот на шефовите е тежок, дека се работи дење-ноќе, и секако, преку викенди и дека причината зошто повеќето од нив се мажи е тоа што вакво работно време никако не им одговара на жените, особено на оние со семејство и деца.
Но, еве, имаме жив доказ дека тоа не е така. Фросина е вистински шеф, и сѐ што научила, научила од својата мајка, исто така вредна готвачка која е веќе ангажирана на друго место, но секогаш достапна за консултација и совет, а има и семејство и деца – и тоа две.
Четиринаесетгодишната Сара и единаесетгодишниот Давид овие неколку месеци се почесто сами, но затоа умни и вредни. Сами ги средуваат своите соби, помагаат колку што можат, а едвај го чекаат летниот распуст за да можат и тие да помогнат во семејниот ресторан, да претрчаат да докупат нешто од најблиската продавница, да измијат некоја чинија и чаша, или едноставно да бидат тука, на местото кадешто нивните родители ја градат нивната иднина и еден поубав и посреќен живот за сите нив.
Засега, тоа е единствената постава на ова мало семејно катче од кое се шират најубави мириси на домашна храна и оние кои доаѓаат тука воопшто не очекуваат да им бидат послужат морски плодови сервирани со Ајпод од кој се слушаат звуци на морски бранови (Хестон Блументал), сфери со течно јадро, сладолед од сланина, свежи полжави или изненадувачки текстури и облици и други молекуларни гастрономски деликатеси, но затоа ќе добијат одлична домашна чорба, полнети пиперки, ребро во фурна, сармички, телешки мускул во сос, јагнешко печено и многу многу други традиционални и домаќински јадења. Вистинска домашна храна во една вистинска семејна скопска приказна.
Драгица Христова