Кога знаете со каква страст зборува за храна, со колкава страст готви и колку ѝ е посветена на својата професија, секако, нормално е да побарате од неа некој совет во врска со готвењето.
На пример, што да се јаде кога ќе си дојдете од работа, а дома немате ручек од вчера, или пак, какво мезе да направите кога ќе ви дојдат ненајавени гости. Еве го предлогот на шеф Маре Јаневска:
Потпечено овчо сирење со црвена пиперка, домат и лук
Состојки:
2 црвени пиперки
1 домат
1 младо лукче
овчо сирење
босилек или див тимјан
Маслиново масло
црн пипер
малку путер
Приготвување:
2 црвени пиперки се печат (можете набрзина да ги испечете во фолија на рингла). Пиперките се лупат и се цепкаат на мали ленти.
1 свеж домат се сечка на мали парчиња и се цеди од вишокот течност. Потоа се сечка младо лукче на ситно и се дели, половина во пиперката, половина во доматот.
Во сад за печење, на дното се става доматот, се додава свеж босилек или див тимјан, а може и едното и другото.
Врз доматот се става парче овчо сирење, со дебелина околу 4 цм. Врз сирењето се става црвената пиперка, се попрскува со маслиново масло, половина мало лажиче путер и мелен црн пипер.
Се става во рерна да се потпече околу 10 минути.
Се послужува веднаш со топло лепче.
(Уште една идеја за ручек од шеф Маре ќе најдете ТУКА).