Ако не ви се прават пити, кифли, проја или нешто слично, а ви се најавиле гости, еве едно добро решение.
Лесно е како да правите сендвич, со тоа што овие споени клуб-сендвичи можете да ги направите ден претходно, а следниот ден ви останува само да ги послужите.
Состојки:
1 или 2 пакувања тост леб по ваш избор
павлака
мајонез
кисели краставички
варени јајца
урда или крен-сирење
кашкавал
Приготвување:
Наредете 6 кришки леб во форма на кора (можете и помалку или повеќе, во зависност од тоа колку гости очекувате)
Помешајте ги павлаката, урдата или рендано сирење со исечкани кисели краставички и премачкајте ги лепчињата.
Ставете одозгора тркалца шунка (ако сакате веге-варијанта, изоставете ја шунката)
Наредете одозгора уште еден ред лепчиња.
Помешајте го мајонезот со исечкани варени јајца и премачкајте ги лепчињата.
Наредете уште еден ред со тркалца шунка.
Наредете уште еден ред лепчиња, премачкајте ги со остатокот од смесата со павлака, изрендајте одозгора кашкавал, украсете со кисели краставички и ставете ја „тортата“ во фрижидер.
Следниот ден можете да ги послужите сендвичите такашто ќе ги сечете во форма на триаголници.