Оваа реплика од филмот Шеќерна водичка на веќе покојната Соња Савиќ од секогаш ми била хит, сум ја искористила стотина пати, дури и кога на син ми додека беше мал му нудев праскички…Оние кои го знаеја филмот, веднаш знаеја на што мислам, а оние другите …не е важно што мислеа тие. Како и да е, ете поради таа икона на една генерација луѓе која растеше во поранешна Југославија, емотивно се поврзав со ова овошје кое секогаш ми било едно од омилените.
А кој не сака сочни и вкусни праски?
Секогаш биле едно од поефтините овошја кои кај нас не само што ги има во изобилие, туку богатиот род честопати пропаѓа затоа што не се успева да се обезбеди нивниот пласман.
Токму затоа, одлична е идејата за денешниот настан во Градскиот парк – „Хуманитарна праскијада 2019“ (од 10 до 13 часот), во чии рамки се нудат праски и производи од праски, а средствата од нивната продажба се наменети за финансиска поддршка на дистрибуција на храна до социјално загрозените граѓани. Настанот се одржува на иницијатива на организацијата „Сите сити“, која врши дистрибуција на донирани вишоци храна до социјално загрозените граѓани на кои таа им е неопходна.
Она што можеби не го знаете за праските е и дека се тие исклучително здрави, но и погодни за диети бидејќи содржат малку калории, а брзо заситуваат.
Праските се богати со феноли, антиоксиданси кои се борат против дијабетесот и кардиоваскуларните болести.
Одлични се и за кожата и благодарение на витамините А и Ц, често се користат во козметички цели. Исто така, праските ја намалуваат анксиозноста и успешно го отстрануваат стресот.
Содржат селен, кој се користи во превенција на ракот и може да го спречи оштетувањето на клетките.
Праските го смируваат и стомакот и имаат благо диуретичко својство и ги чистат бубрезите и бешиката.
Чајот пак од лисјата и кората од дрвото на праските го смирува хроничниот бронхитис, кашлицата и гастритисот.
Фото: Pixabey