Рамбо Амадеус: Правам феноменално печење од брав

Веќе 5 години го почнува денот со лимунада и сода бикарбона и не јаде пченично брашно, но затоа меси леб од јачмен, рж и од спелта и прави одлично неделно печење за своите синови

0
897

Тешко дека ќе се најде некој кој не знае кој е Антоније Пушиќ, алијас Рамбо Амадеус, црногорски музичар, сатиричар со остар јазик и брилијантен дух. Но веројатно многумина не знаат дека е и добар готвач и љубител на месо, особено од овен, на ракија, особено ракија од рогач, добро вино и зеленчук, особено домати и модри домати мејд ин Македонија.

За нашиот портал тој зборуваше за она што е најчесто на неговото мени, за своите кулинарски способности и афинитети, но и за она што сака да го јаде кога е тука, во Македонија, а како што вели доаѓал барем 200 пати.

„Мојата исхрана се базира главно на месо и на риба, па многу често знам да си направам нешто едноставно со сардини. На пример, земам конзерва сардини, добро го цедам маслото од конзервата, па додавам маслиново масло, лимон и две тврдо варени јајца. Во Белград има да се купи готова веќе печена скуша, една од најефтините и најздравите риби, па секогаш ја препорачувам како таква. Значи, купете си печена скуша и тоа повеќе отколку што мислите да изедете, па јадете што ќе јадете додека е топла, а она што ќе остане, ставете го во фрижидер, следниот ден, здробете ги остатоците на ситни парчиња, зачинете ги со црн пипер, маслиново масло и лимон, додадете повторно две тврдо варени јајца и имате вкусна салата, многу подобра и поздрава од онаа со туна“, вели Рамбо.

Инаку, тој сака да готви, но не секој ден. Најчесто готви во недела кога на ручек доаѓаат неговите три сина. А тогаш на трпезата го сервира своето епохално печење од брав. На прашањето зошто токму брав, а не на пример, јагне, духовито одговара:

„Во народните песни никогаш не велат дека јунаците јаделе јагнешко месо, туку секогаш јадат овчетина, и тоа мора да е од 90 килограми. Младото месо е мрсно, а ова, од брав, е црно и крто и тоа е тоа вистинското. Имам еден пријател од студентските денови кои живее во село на 600 метри надморска висина и секогаш од него купувам овен од 90-100 килограми и месото така добро истражирано на парчиња од 2-3 килограми, го чувам во замрзнувач, па кога сакам да спремам месо, вадам едно парче и го печам во затворен земјен сад, на 150 степени, по 6-7 часа. Последните два часа ставам компир и тоа е тоа. Не верувам во месо кое брзо се спрема, месото, какво и да е, мора да се пече барем 5-6 часа. Што и да добијам од тој мој пријател, јас го спремам долго и полека. На пример, понекогаш печам мисирка со суви сливи и компири, но повторно слливите и компирите ги ставам дури последните два часа. Така се прави и далматинската паштицада – јунешкото исечено на коцки се динста на кромид 1 час, потоа се додава пола литар црно вино на килограм месо и се вари 2-3 часа со црн пипер, сол и ловоров лист“, објаснува тој.

Што се однесува до здравата храна, вели дека не прави ништо специјално освен што ги мие овошјето и зеленчукот во вода со сода бикарбона, а последниве пет години секое утро го почнува со лимунада со сода.

„Оставам да одреагира зашто притоа се создава т.н. натриум аскорбат, односно, Ц витамин кој се апсорбира во организмот. Тоа го правам превентивно, бидејќи превентивата е најважна медицина. Исто така, веќе пет години не јадам ниту трошка пченично брашно. Јадам од сите останати житарки, рж, јачмен, овес, просо, и од нив често си месам леб, но пченично брашно никако. Чувствувам дека имам повеќе енергија, и генерално се чувствувам подобро. Единствено пченично брашно кое не е штетно, барем за мене, е спелта. Тоа е стара сорта која за разлика од овие хибридни пченици кои ги имаме на пазарот со огромна доза глутен кој е лош за телото, е многу поздрава“, објаснува Рамбо.

Од македонските јадења омилени му се охридската пастрмка, селското месо, зеленчукот.

„Синоќа тука (во ресторанот „Пелистер“), со моите домаќини, организаторите од Три Гонга, имавме македонска гозба, но јас најмногу се сконцентрирав на пинџурот, пиперките, салатите, и така натаму. Не јадев воопшто леб, само од вашиот прекрасен зеленчук, малку месо и црно прекрасно вино од Тиквеш. Порано кога доаѓав во Македонија, јадевме од легендарното јагнешко од Гостивар, но сепак, дефинитивно, она што е многу различно од било кое друго место, е македонскиот зеленчук, особено доматите и модрите домати кои се феноменални и имаат навистина посебен вкус“, вели Антоније Пушиќ, алијас Рамбо Амадеус.

Драгица Христова