„Со време на човек му здосадува работата што ја работи со години, па бара нови предизвици. Во Македонија веќе се направија многу винарии па јас наместо да бидам 99-та или стота по ред винарија во Македонија, решив да бидам прв што ќе направи фабрика за производство на маслиново масло“, вели Раде Петровски, градежен инженер и сопственик на компанијата Еликософт, а од минатата година и на Елико Олива Гарден.
Господин Петровски веќе 25 години раководи со софтверска, а 11 години и со компанија за градежништво. Од минатата година тој започнал еден сосема нов бизнис и за него и воопшто, за Македонија, со оглед на тоа што кај нас досега немаше фабрика за производство на маслиново масло.
Иако, според него, кога се вели „фабрика“ за производство на маслиново масло, звучи малку претенциозно со оглед на тоа што нивниот погон за производство кој се наоѓа во индустриската зона Раброво, Валандово е сѐ уште мал и допрва ќе се надградува. Сепак, иако мал, располага со современа опрема која гарантира квалитетен производ, брзина на технолошкиот процес, како и усогласеност со светските стандарди за ваков тип на производство.
Во Раброво, компанијата поседува и плантажа на маслинки со површина од 3 хектари, а се планира подигнување и на 4 нови хектари на маслинов насад. Меѓутоа, сето тоа, признава господин Петровски, е мала количина и недоволно за производство на маслиново масло па затоа првото македонско маслиново масло кое го произведува компанијата Елико Олива Гарден, се прави од најквалитетните грчки маслинки, но и со поддршка и совети од грчки пријатели кои се искусни во производството на маслиново масло.
„Да ви кажам искрено, јас лично не сум некој голем познавач и немам искуство во оваа работа, но среќен сум што влегов во ова. Како што ви реков и на почеток, со време на човек му здосадува работата што ја работи со години па така и мене ми требаше некое освежување, нешто сосема ново. Сега контактирам со сосема нови луѓе од една, за мене, нова фела, користам искуства од грчки колеги од регионите кои се познати по производство на маслинки и морам да кажам дека наспроти политиката со оваа држава, нашата соработка е одлична. А што се однесува до производот, нивната помош ни беше неопходна од едноставна причина што кај нас нема луѓе кои имаат искуство во оваа работа и со кои би можеле да се консултираме. А производ си е производ. Кога првпат ќе пробаш свој производ, тоа е навистина посебно чувство. Фантастично е! Си планирал, си направил и имаш производ кој можеш да го вкусиш, да го продадеш, да го споделиш со блиските, ти се отвараат нови можности и нови видици. Искрено, со ова, меѓудругото, сакав и да им покажам на помладите дека во Македонија има многу работи што можат да се прават и дека не треба многу за да се почне нешто, туку дека сѐ се може кога се сака. Е сега, јас навистина незнам многу за производството, но затоа има луѓе кои знаат. Засега знам дека е битно во која фаза треба да биде маслинката кога ќе стаса тука, преса имаме и еве, работиме. А за производот, ќе оцените и самите. Наскоро екстра вирџин маслото на Елико Олива Гарден ќе можете да го најдете во продавниците, маркетите, во рестораните низ Македонија, а го понудивме и надвор од границите на нашата држава и можам да ви кажам дека има голем интерес. Ова се должи исклучиво на квалитетот на нашето маслиново масло кое за разлика од некои други кои уште со екстремно ниските цени за ваков производ, будат сомнеж дека се вистински екстра вирџин масла иако се продаваат како такви.
Тешко е да се пробие нов бренд на овој пазар покрај толку многу веќе познати брендови и имиња но се надеваме дека и заради квалитетот и заради тоа што сме единствени со наш, македонски производ на пазарот, луѓето бргу ќе го прифатат нашето масло.
И додека кај италијанските и кај шпанските маслинови масла варира квалитетот, особено кај Италијанците, кои знаат да го помешаат своето со грчко маслиново масло, кај нас кога пишува екстра вирџин тоа е навистина екстра вирџин, чисто, и без никакви додатоци – 100 отсто екстра вирџин!“, вели првиот производител на македонско маслиново масло, господин Раде Петровски за порталот „Арт кујна“.
Драгица Христова