Можеме ли содата бикарбона да ја користиме како замена за прашокот за пециво? Главно не. Имено, содата ќе реагира кога им се додава на намирници како мед, какао прав или меласа, додека прашокот за пециво кој во себе содржи киселина ќе реагира уште при допир со обична вода (тоа е и добар начин да проверите дали е прашокот за пециво во добра состојба – помешајте лажичка вода со неколку трошки прашок за пециво и ако се запени, значи дека е добар).
Реакцијата на содата и некоја друга, кисела намирница, предизвикува производство на јаглероден диоксид – се создаваат мали меурчиња, а токму тоа е својството на содата која му помага на тестото/на смесата за колачи да се крене и да „нарасне“.
Од друга страна, прашокот за пециво е комбинација од сода бикарбона, киселина и состојка која служи за впивање на влага – како пченкарен скроб. Со оглед на тоа што прашокот за пециво веќе содржи киселина, не е нужно во смесата во која го користиме, да додаваме кисели намирници.
Најчесто на пазарот има прашок за пециво кој реагира во две фази – прво кога ќе се навлажи (со вода или со некоја друга течна состојка и втор пат реагира под влијание на висока температура, односно, кога ќе ја ставиме течната смеса за колач на пример, на печење во рерна. Прашокот за пециво можете да го користите за приготвување на сите слатки кои бараат таков додаток, додека пак содата, ако сакате да предизвика некоја реакција и промена, си бара додавање и на нешто кисело. На пример, содата можете да ја користите кога правите тесто за палачинки во комбинација со кисела вода.