Рогачот се користи во исхраната на луѓето повеќе од 4 илјади години. Најверојатно токму рогачот бил храната од библиските времиња и се смета дека со него се хранел Иван Крстител, па оттаму потекнува и германскиот назив за рогачот – Johannisbrot, што во превод значи лебот на Иван.
Во античко време пак, семките од рогач служеле како единица мерка за мерење на злато. Имено, семките од рогач, без оглед на големината и условите на чување, секогаш имаат еднаква маса од 0,18 грама. Една семка = 1 карат (зрно рогач, грч. = кератион). Овој назив се употребува и денеска за 0,18 грама злато.
Оттука, мојот денешен појадок тежеше 11 карати злато бидејќи во мешунката што ја изгрицкав имаше точно 11 семки. А половина килограм лански рогач (годинешниот сѐ уште не е зрел) на пазарот во Стари Град на Хвар чини 15 куни. Тоа се околу 2 евра, ама има едно купче суви мешунки со фантастичен вкус.
Освен тоа, подобро е да грицкате рогач, отколку чоколадо, бидејќи вкусот на рогачот најмногу се поистоветува со вкусот на чоколадото.
А рогачот ќе ви го снижи холестеролот, ќе ве заштити од токсини,, ќе ви помогне да го зајакнете имунитетот и да ги спречи алергиите, богат е јагленохидрати, рибофлавин, калиум и калциум.
Сепак, и покрај сите благодети, рогачот е неправедно запоставен, иако не само што го има на јадранските острови, туку го има и во градскиот парк во Скопје. Веројатно сте имале можност некогаш да наидете на тие прекрасни стебла чии зрели мешунки ѕвечкаат и паѓаат на толото, а речиси никој не ги собира. За среќа, има и добри примери, па еве тука, на Хвар, тие дури и се продаваат на пазарите како суво златок. Од нив локалните жители прават и ракија „рогачуша“, но има и такви кои ги мелат сувите плодови и произведуваат брашно од рогач кое потоа може да се употреби за изработка на колачи, кекси, леб, топли напитоци, компоти, намази, салати,…
Многумина го користат во колачите наместо какао во прав, а поради слаткоста, и како замена за дел од количината шеќер предвидена за рецептот: Ако некогаш наидете на стебло рогач, не го заобиколувајте, наберете си барем неколку од овие вредни здрави мешунки и ако ништо друго, грицкајте ги наместо вообичаените кекси или чоколади.