Освен што е веганка, Ванеса Меј нема специјални барања од „Охридско лето“

Откако дознаа дека виолинистката која во Охрид доаѓа со своето милениче, е веганка и нема други посебни барања, Охриѓани почнаа да се шегуваат дека во тој случај Ванеса „ќе им ги изеи салатите“.

0
328

Откако директорката на Охридско лето Наташа Поповиќ, на прес-конференција, помеѓу другото, соопшти дека славната светска виолинистка Ванеса Меј, освен што е веганка, па нормално, ќе треба да ѝ обезбедат вегански оброци, немала други посебни барања, Охриѓани веднаш почнаа да се шегуваат дека во тој случај „ќе им ги изеи салатите“.

Освен ова, Ванеса им кажала и дека доаѓа со своето милениче, па секако, организаторите треба да бидат подготвени и за него.

Инаку, вели директорката на Охридско лето, „Ванеса навистина немаше некои посебни барања какви што би можеле да се очекуваат од една ѕвезда од нејзин калибар“.

А досега сме имале можност да читаме што сѐ бараат најпопуларните странски ѕвезди од домашните организатори освен што за нив се плаќаат и по неколку десетици или стотици ијади евра за настап.

Па така нивните договори за настап често содржат подолга листа од барања кои вклучуваат сѐ, од висина на хонорарот, превоз и сместување, до соодветна постелнина и посебно мени.

Велат дека рајдер-листата на контроверзната, сега веќе покојна Ејми Вајнхаус, за нејзиниот настап во Белград кој го шокираше светот, се состоела од дури 72 страници.

Шакира пак, составила посебна листа на храна и пијалоци кои сака да ги има зад бината, а храната ѝ ја подготвувал нејзиниот личен готвач при што посебен акцент ставале на хигиената, свежината, разновидноста и квалитетот на храната, а сета преостаната храна инсистрала да се донирана во локалните  народни кујни секаде кадешто настапува.

По гостувањето на сонародникот на Ванеса Меј, британскиот виртуоз на виолина Најџел Кенеди на „Охридско лето“ пред неколку години, кој освен посебни услови, односно, одредена собна температура и влажност на воздухот во апартманот во кој бил сместен, имал и листа барања за менито, па цел Охрид беше растрчан за да му најде суши нигири и свежо овошје, барањата на Меј се чинат многу едноставни – вегански јадења што секако вклучува и многу свеж зеленчук и овошје.