Маре Јаневска веќе 10 години е готвачка во британската резиденција, но освен за готвењето се грижи за сѐ што е поврзано со храна и менаџирање на резиденцијата.
На почетокот од мојот ангажман во британската резиденција, немав големо искуство, но истражувајќи и следејќи ги големите кулинарски имиња на интернет, научив многу за британската кујна која сега ја познавам навистина добро, многу ја сакам, но и ја правам на малку поинаков, мој начин па иако е британска, ‘зачинета е со македонски зачин’. Често готвам и индиска кујна која ја сакаат сите Британци. Се разбира, не ги заборавам и македонските специјалитети. Традиционалните јадења ги модернизирам и ги усовршувам, па им додавам и еден свој белег, но знам дека им се омилени на многу од странците кои доаѓаат кај нас и за кои често подготвувам храна.
За своето семејство готвам навечер. Секоја вечер пред да си легнам го готвам утрешниот ручек, а бидејќи сум и самата голем гурман, и особено љубител на десерти, често експериментирам со вкусовите. За читателите на Арт кујна, овојпат, како лесен и освежителен десерт ви ги препорачувам потпечените кајсии со мед и кисела павлака.
Го сакам овој десерт затоа што се прави лесно и бргу, а токму сега е идеален период затоа што има кајсии во изобилие.
Кајсиите прво, се разбира, треба добро да се измијат, а потоа се сечат на половинки и се двојат од семката. На тепсија обложена со хартија се редат со внатрешниот дел нагоре (лушпата да биде на дното од тепсијата). Се потпекуваат во претходно загреана рерна на грил околу 5-6 минути или додека не се потпечат на површината. Се вадат од рерна и се прелеваат со мед, па се оставаат да се изладат. Потоа се комбинираат со кисела павлака измешана со малку шеќер во прав и ванила. Исто така, може да се додадат и потпечени бадеми и бисквит колачи со путер.
Совет плус: Земете некоја павлака со поголема масленост и полека, внимателно измешајте ја со шеќерот во прав. Најдобро е да употребите рачна маталка за да не се претвори смесата во ‘чорба’.