Ограда од рузмарин и по некој – рузмаринов чај

Ако живеете на море, наместо нашите класични живи огради, можете да си имате ограда од рузмарин (евентуално, и од маслинови дрвца), ама рузмаринот...ех, како мириса овој рузмарин ... не по скопски, туку по морски.

0
600

Рузмаринот е убаво да си го имате при рака бидејќи е лековит, а и убаво мириса. И да, го имаме и ние по нашите скопски градини, и секако, убаво мириса. Но, само додека не дојдете на море и не го почувствувате мирисот на морскиот. Дури тогаш ќе ги почувствувате аромата и лековитоста на вистинскиот, медитеранскиот рузмарин.

А со него можете да си направите чај кој помага ако имате проблеми со варењето (надуеност, забавено варење), или пак ако имате ревматски тегоби и проблеми со жолчката.

Рузмаринот го поттикнува и излачувањето на мокрачата и добро делува на црниот дроб, а делотворен е и против бактерии (Staphylococcus, Streptococcus, Escherichia) и против габична инфекција (Candida).

Расте во форма на грмушка и знае да нарасне и до три метри во височина па на приморје често ја користат наместо жива ограда. Исто така, рузмаринот е одличен зачин за бројни медитерански јадења..

Позната е и лековитоста на маслото од рузмарин кое служи за проширување на крвните жили, за циркулацијата, го покачува крвниот притисок и овозможува подобра концентрација и памтење. Посебно е делотворен за подобрување на функцијата на црниот дроб и жолчната кеса, што придонесува за подобрување на општата состојба на целиот организам.

За помош при наведените болести се пие чај од рузмарин, по две шолји на ден. Познато е дека благотворно делува на мозокот, што покажале и некои истражувања, меѓутоа, тоа е само една во низата негови позитивни карактеристики.

Исто така, рузмаринот го намалува ризикот од малигни болести, како на пример, од рак на кожа и го јакне имунитетот.

Секогаш кога е можно, бирајте свеж рузмарин наместо сушен затоа што е богат со вкус и со арома.

Пред самото варење, рузмаринот измијте го под млаз вода и со тапкање исушете го. Во повеќето рецепти потребни се иглички од рузмаринот кои можете да ги отстраните од гранчето со едноставен потег, но исто така можете и целото гранче да го додадете во супа и во јадења со месо, при готвење, но и само како декорација во готовите јадења.