Oсвежителeн, лесен и брз оброк

Понекогаш на вакви температури наместо предјадење, таратурот можете да ви биде и главен оброк. Направете го малку порано за да може да се олади во фрижидерот или пак користете краставици и кисело млеко кои веќе се оладени

0
238

Ова е секогаш најлесниот оброк со кој можете да го замените дури и ручекот. Што има поубаво од ваков ладен, лесен и освежителен оброк во овие врели денови?

Ама, да се разбереме, таратур без лук, не е вистински таратур, затоа ако се плашите од мирисот на лукот, јадете го за вечера или само измијте ги забите и изџвакајте неколку каранфилчиња.

Се разбира, сега има една кујнска алатка со која се гмечи лукот, но вкусот на таратурот што го правеа нашите мајки и баби беше поинаков, го толчеа лукот во дрвен аван заедно со солта. сѐ додека не се добие еднолична маса. Во аванот се додава и маслиново масло и со толчникот се меша сѐ додека маслото не се впие во истолчениот лук. Масата треба да биде слична на мајонез.

Истолчениот лук се става во киселото млеко во длабок стаклен сад, се меша за да се изедначи, па се додаваат изренданите краставици. Ако сакате таратурот да биде погуст, ставете половина кисело млеко и една павлака.

Зачинете со многу свеж или сув копар и ако сакате, додадете малку оревчиња.