Стевче Доневски пред неколку години беше номиниран за наградата Најдобар промотор на Македонија. За него веќе пишувавме и беше дел од нашата репортажа за Кратово, конкретно за кцана сол од Кратово која ја произведува токму тој. Тој беше и едно од заштитните лица на Аргета на македонски начин, поточно, Аргета на Осоговски начин, а заедно со својата етно куќа Шанчева е дел од Слоу Фуд Македонија. Тој е човек за се. На секој турист или гостин кој пристигнува во Кратово му обезбедува кралски пречек и не ја пропушта шансата да го промовира својот роден град.
Но Стевче не би бил Стевче чие гостопримство не се заборава, ако до него не е неговата сопруга и нашата прекрасна домаќинка Валентина.
Од нејзиното лепче кое го меси во различни варијанти, бело, црно, ржано, со сода бикарбона, наместо со прашок за пециво, па мекиците за Ѓурѓовден и преубавиот ѓурѓовденски ручек – тава ориз со јагнешко, потпечени лути пиперчиња и на крајот, по две парчиња од две различни торти, прекрасниот појадок – домашни јуфки направени во рерна и слаткото од зелени смокви,…но и кротката насмевка, и шегите на сметка на Стевче, го направија овој ѓурѓовденски викенд посебно доживување.
Оттука, следејќи ги инструкциите од Стевче стасавме и во Лесновскиот манастир кадешто го доживеавме и уживавме во манастирскиот ручек со кој се гоштеваат околу 500 верници секоја недела по литургијата.
Помеѓу другото, причина за големата посетеност на верниците се и чудата што се случуват во овој манастир кадешто шестгодишно девојче прозборело, а пред околу две години девојче од Кочани цврсто застанало на нозе, иако докторите веќе кренале раце од него, откако заедно со своите родители го посетило Лесновскиот манастир.
Имено, Лесново е домот на чудотворците со исто име, Гаврил. Добродетели од различни времиња. За чудата на Гаврил Лесновски и на Гаврил Велички многумина знаат. Но, тоа што е најважно е дека и двајцата биле скромни и Божји луѓе, кои за своите дела никогаш не говореле. Канонизацијата на епископот Гаврил Велички, кој сѐ до крајот на минатиот век го раководел црковниот живот во едно од најстарите села во земјата е во тек и тој ќе биде прогласен за светец на 28.мај.
Месното население кое живее во близина на Лесновскиот манастир раскажува дека организирани туристички групи доаѓаат од целиот Балкан и Европа за да го посетат ова големо духовно светилиште од каде се ширела словенската писменост, а до 40-те години на 19 век овде се наоѓала и најголемата библиотека на Балканот. Тука, на гробот на Св.Гаврил Лесновски многу страдалници се молат и бараат помош за својата мака.
А ручекот? Ако очекувавте нешто спектакуларно и егзотично, се лажете, за ручек имаше зелка и „витаминска“ салата со домашен леб и обична вода. Вкусот? Незаборавен! Затоа што, како што рече и една од верничките на трпезата, леб и сол да ти дадат, во манастир се е слатко!
Вториот ден од ѓурѓовденскиот викенд, во најбујниот зелен мај последниве десетина години во Осоговијата, на заминување за Скопје, ни истури дожд и град, но сепак, застанавме да ги сликаме штрковите кои годинава после многу години, се вратија во Злетово.