Забележувате дека сите наеднаш станавме експерти за храна, нели?
И сите ја фотографираме пред да ја изедеме.
Честопати, ниту луксузниот и модерен ентериер, ниту пак одлично дизајнираните и фенси оброци се гаранција дека ќе јадете квалитетно и вкусно. Понекогаш пак токму спротивното може да ве изненади па и покрај тоа што некој локал баш и не изгледа многу репрезентативно, напротив, не е ни нешто многу чисто, а додека јадете со десната, гледате левата рака да ви е послободна за одвреме навреме да го направите она „иш муво“ движење, сепак може да ви прирасне за срце.
Фала Богу се уште има нешта кои изгледаат вкусно, и се навистина вкусни, иако не се аранжирани ала Мишелин, не се воопшто фенси, туку се едноставни и послужени во чинии стари со децении, а сепак се токму такви какви што треба да бидат свежи, вкусни и, како што можете да видите од фотографијата, обилни.
Салатата е, па во најлош случај како да е зеленчукот набран уште рано сабајле, а не половина час пред да биде исечкан во чинијата. Газдата кој е воедно и келнер (а се сомневаме дека меша прсти и во храната), не е многу насмеан, напротив, едвај оди (не е баш најдобар со здравјето), но како што вели, „нема одмор, мора да се работи“, животот не му е лесен, а токму така и изгледа и нема намера да се преправа дека е поинаку.
Секогаш кога одиме таму (а веќе долго се познаваме), ќе не пречека, ќе не праша како сме и веднаш преоѓа на нарачката. Секогаш оставаме изборот на месото да го направи тој и никогаш, ама баш никогаш не сме се покајале. Изборот на салати е следен: салата од краставици, салата од домати, зелка, а врвот е, се разбира, шопска. Иако вели дека доматите повеќе не се она што биле на времето, во споредба со оние што ги јадеме по скопските фенси места, се три класи погоре…краставицата, уште пред да ја ставите во уста знаете дека е крцкава и свежа, затоа што токму така и изгледа (а за волја на вистината, и гајбите со краставици, домати и пиперки ви се веднаш до масата), како и пиперката и кромидот кој фала богу го нема во онакви количина во кои имаат обичај да го ставаат скопските извикани кафеанџии за да изгледа порцијата пообилно.
Лутите пиперчиња потпечени на скара со обилна порција кромид, е гратис и нешто што се подразбира и нема да ви ги наплатат како да сте нарачале уште една салата, а и лепчето се подразбира дека доаѓа потпечено и топло без да морате да го убедувате дека го сакате токму такво а тој да ве убедува дека нема потреба од топлење бидејќи е тазе.
За месото, што да ви кажувам, и вегетаријанец би пројал…огромно парче бифтек за двајца во порција за еден. Ако пак сте љубители на чорби, ќе ја добиете најдобрата, а ако не сте – ќе станете. Оваа на фотографијата долу е од телешка глава, а запршката е тенка, колку да се рече, за разлика од оние од кои потоа цел ден ве боли стомакот бидејќи се полни со едно чудо брашно.
И што да ви кажувам, сето ова, со две ракии, две шишенца газирана вода и едно пиво, чини 540 денари.
Патем, ако доволно често мафтате со рака, мувите нема да ви го полазат јадењето, а вие ќе уживате во вкусен и обилен оброк каков што нема во ниту еден фенси ресторан на светот.
П.С. Да не се разбереме погрешно, сакам чисти и фенси ресторани и да, многу сакам и фенси храна, сакам кисело, благо и луто, свежи лососи, блитва и рукола, месо прелеано со пекмез од кромид, брокула со маслинов зејтин, лимон и брусница, сакам се и сешто, ама некогаш некои места можат да ви станат омилени токму заради келнерот кој наместо со широка насмевка, ве пречекува со воздишка, наместо со бела чиста штиркана платнена салфета преку раката и престилка со кралска темно борда боја, да ви климне со главата и да ве испрати до масата, си ги брише рацете од пантолони и ви подава рака, и кој иако не е навикнат да менува чинии за секое јадење, се труди да ви угоди. И најважно од се, иако не можете да се сопрете затоа што веќе го чувствувате ако не како близок, тогаш барем како некој подалечен роднина, па задолжително го каните да седне со вас на маса, со насмевка која вели: „не си играјте мајтап, кај имам време јас за седнување“, ќе ви одмавне со рака, ќе ве потчукне по рамо и ќе исчезне во правец на кујната.
Драгица Христова