Мишелин готвач со мастер часови по готвење на Taste Ohrid

Во рамки на второто издание на гастро-турата „Taste Ohrid“ што во организација на Општина Охрид, Факултетот за туризам и угостителство и туристичкиот кластер на југозападна Македонија (ЕДЕН) се одржува во Охрид, повторно доаѓа италијанскиот шеф Џорџо Дијана.

0
820

Италијанскиот готвач со престижното признание Мишелин ѕвезда, Џорџо Дијана, повторно ќе биде гостин во Охрид, овојпат како дел од програмата на Факултетот за туризам и угостителство
каде ќе одржи неколкудневни Мастер часови.

Тој на пријавените студенти и претставници од угостителските објекти во Охрид ќе им ги презентира новите техники на готвење со конзервирање на храната, пастеризација на продуктите, бавното готвење, како и важноста на новите техники и методи на готвење во кујната на модерните ресторани и хотели.

Покрај практичните обуки од затворен карактер, љубителите на гастрономијата ќе имаат можност да ги пробаат специјалитетите од славниот готвач и на часовите на отворено кои ќе се одржат во четврток, 23.мај, пред хотелот „Su“.

Сите домашни и странски гости во Охрид ќе имаат можност
во прекрасниот амбиент покрај Охридското езеро да ги вкусат специјалитетите, но и во живо да проследат како тече процесот на подготовка на храната од страна на Мишелин готвачот.

Покрај Џорџо Дијана, гостин на пролетното издание на „Taste Ohrid“ ќе биде и Андреа Бијаџини, МТП Мишелин и сопственик на „Food & Lifestyle“. Неговото богато искуство во угостителството ќе го пренесе на претставниците од рестораните и хотелите во Охрид преку практичните обуки за маркетингот и неговото влијание врз туризмот, како и вредноста на рестораните во целокупната туристичка понуда на градот.

Џорџо Дијана веќе ѝ е познат на македонската публика по неговото учество на минатогодишното издание на гастрономскиот и авантуристички настан „Taste Ohrid“, каде приготви спектакуларна Гала вечера во „Su Hotel“, како и Мастер часови на Факултетот за туризам и угостителство.

Покрај домашните и странските туристи во Охрид, на овој настан огранизиран од страна на Општина Охрид, ЕДЕН – туристички кластер на југозападна Македонија и Факултетот за туризам и
угостителство, ќе присуствуваат и високи претставници од дипломатскиот кор на Република Македонија.

Повеќе информации за настанот можете да погледнете на официјалната Фејсбук страна.