Мед за во џебче

0
1847

Сопружниците Елена и Огњен Фидановски, по професија економистка и електро-инженер, веќе две години го живеат својот пчеларски сон.

Огњен чие семејство потекнува од селото Ехлоец, кичевско, како дете му помагал и го учел пчеларскиот занает од својот дедо кој бил познат пчелар, но подоцна животот го однел во друга насока.

Семејството се иселило во Скопје во 60-тите години, Огњен станал електро-инженер и се вработил во фирма за дизајн и графика, се оженил со економистката Елена која цели 18 години работела во Телеком, се додека пред две години не одлучиле дека е време да завртат нов лист.

Дале отказ на дотогашните работни места и решиле да го заживеат напуштениот имот во село Ехлоец. Ја формирале Macedonian Honey (SZS-FE), семејна пчеларска фарма, која е извор на одличен локален мед.

Имаат 13-годишен син кој веќе му е десна рака на Огњен и го учи од него пчеларскиот занает, и 8-годишна ќерка која засега само ги впива приказните за пчелите и нивната улога во животот на луѓето.

„Нашите кошници се поставени на 1.100 метри надморска висина на планинскиот масив Бистра-Стогово во југозападна Македонија близу градовите Дебар и Кичево, 100 км воздушна линија од Јадранското море, кадешто природата е полна со богата вегетација и медоносни лековити билки како жалфија, нане, маточина, планински чај.
Нашата прва цел е да ја едуцираме јавноста за важноста на медоносната пчела и медот како храна која човекот ја користи многу одамна.
Пчелите се една од големите научни мистерии за човештвото бидејќи тие останале непроменети 20 милиони години иако светот околу нив се менувал. Постои тренд на забрзано исчезнување на пчелните семејства насекаде низ светот па и кај нас и затоа мораме да реагираме и да ја заштитиме нивната популација. Пчелите како неприкосновени опрашувачи играат есенцијална „ролја“ во нашиот еко систем. Третина од целата наша храна зависи од нивното опрашување. Алберт Ајштајн рекол дека доколку пчелите исчезнат, исчезнувањето на човештвото ќе следи само неколку години подоцна“, ја почнува Елена приказната за нивниот семеен бизнис.

Препознатливи се по тоа што тие, за разлика од останатите пчелари не продаваат мед во тегли, туку медот го пакуваат во мали специјални еколошки кесички кои се за една употреба – HONEYSTICK.

„Honeystick содржи дневна доза мед која на организмот му ја дава доволната количина на важни минерали и витамини.

Според сите истражувања, 2 лажички мед дневно се доволни за организмот да се снабди со овие неопходни елементи и точно толку содржи еден Honeystick. Вие можете да консумирате и повеќе доколку имате ден исполнет со дополнителна физичка активност бидејќи медот врши регенерација на заморот на мускулите и му ја дава на мозокот храната неопходна за негова непречена активност.

Honeystick можете да го земете со вас секаде. Не мора да го консумирате медот само кога сте дома. Земете мед тогаш кога ви е вам најпотребен и кога вам ви одговара: додека планинарите, додека шетате, пливате, трчате, возите велосипед, кампувате, скијате…

Дизајнот на Honeystick ви овозможува лесно да го истиснете медот до последната капка и притоа да не ви се залепат прстите. Понесете го со себе во ташна, ранец или пак џеб и бидете сигурни дека медот нема да истече. Го проверуваме секое парче пред да биде дистрибуирано до нашите потрошувачи“, порачува Елена.

За да го направат лесно достапен до сите, тие ја развиле првата онлајн продавница www.macedonianhoney.com, со бесплатна и брза достава до домот на купувачите. Но нивниот мед не се купува само во Македонија туку многу повеќе, односно, 60 отсто од произведеното, оди надвор од државата па досега HONEYSTICK го вкусиле на Малдивите, во Норвешка, Шпанија, Англија, Словенија, САД, итн.
Исто така, нивниот производ спакуван како сувенир, може да се купи и во Дјути фри шоп на скопскиот аеродром.

И додека Огњен е задолжен за производството на медот, а неодамна дизајнирал и своја уникатна кошница за пчели (Elle-Hive е резултат на 30-годишно искуство, ги следи природните потреби на пчелите, без вештачки материјали, дополнителен простор за изолација, во која 2 семејства презимуваат заедно и е лесна за ракување), Елена е задолжена за промоцијата, маркетингот и, секако, за финансиите.

Тие на блогот на macedonianhoney.com постојано обработуваат теми од спортот, здравјето, животот кои некако се поврзани со медот и неговата улога.

„Активни сме и секојдневно објавуваме интересни артикли на популарните социјални мрежи. Ја направивме кампањата „За здравје во `ред`, јадете мед, чија цел е промоција на медот како здрава алтернатива за децата во нивната секојдневна исхрана.

Наидовме на разбирање и поддршка од многу познати личности како Кристина Арнаудова, Наум Петрески, Сашо Мацановски Трендо, Никола Ристаноски, Сашко Коцев, Виктор Петров- Викса. Воедно, оваа година бевме учесници на CEE Impact Day настан кој се одржа во Виена во јуни и имаше за цел промоција на бизниси кои со својата работа имаат импакт кон околината и општеството.

Најново е тоа што сме национални победници во категоријата Климатски промени за Europe Startup Awards, чие финале ќе биде во 2018. во Брисел, кадешто ќе се натпреваруваат бизниси од цела Европа“, не информираше Елена.

Нивна цел е активно да учествуваат во заштитата на биодиверзитетот и во одржувањето на популацијата на медоносната пчела.

„Медот содржи многу елементи кои се клучни за нашето здравје: P, Fe, Al, Mg, Cu, Mn, Si, Cl, Ca, K и Na. Овие елементи се дел од составот на земјата на која растенијата се развиваат и од која се хранат. Преку коренот на растението овие важни елементи се пренесуваат до нектарот кој е главниот извор за производство на мед.

Затоа елементите кои се содржат во медот многу ќе варираат во зависност од составот на земјата на која растенијата се развиваат и од ботаничкиот тип на растенија од кои пчелата го собира нектарот.

Биодиверзитетот или разноликоста на медоносната флора е клучната состојка за добар мед како и незагаденоста на почвата. Наша цел е да произведеме 100% чист планински мед. Ги одгледуваме пчелите без употреба на хемикалии и антибиотици. Кошниците се поставени на скриени места низ планината каде што билките се чисти и недопрени. Ги оставаме нашите пчели да го прават она што најдобро го знаат, а потоа го собираме вишокот мед.

Медот собран од нектарот на лековитите тревки како нане, маточина, камилица, бела детелина, кантарион, итн , како и дабовата шума, има нагласени антибиотски својства токму заради висината на која овие растенија растат (1100 мнв).

Затоа медот спакуван во HONEYSTICK е различен од оној кој можете да го купите во продавница. Кога го јадете медот од Honeystick е исто како да ставите лажица во кoшницата и од саќето сами да извадите од златниот дар на природата“, вели Елена.

Драгица Христова