Белгиецот со македонско потекло, шеф Марк де Јонг, кој е од неодамна и претседател на новоформираната организација Macedonian Multiethnic Culinary Chefs, вечерва (8 февруари), во рамките на гастро вечерите во центарот „Јавна соба“, со почеток во 20 часот, приредува уште една необична гастрономска претстава наменета за пошироката јавност. Тој заедно со тимот од ресторанот на „Јавна соба“ приредува вечера на која се промовираат традиционалните италијански рецепти на кои секако, свој личен печат удира и самиот Марк де Јонг за кој, како што вели, сите оние кои се на маса и желно ги очекуваат неговите специјалитети, се исти, без оглед дали станува збор за претседатели, премиери, амбасадори или едноставно, вљубеници во добриот залак.
Пилешка паштета
Состојки:
500 г пилешки џигери
500 г мелено мешано месо
200 г кромид
1 китка босилек
200 г спанаќ
Сол, црн пипер, рузмарин
Неколку парчиња сланина за обложување на калапот
Приготвување:
Џигерот се меле и се меша со меленото месо. Кромидот се пропржува и се додава во месото заедно со останатите состојки. Се убаво се меша и се става во калапот кој сме го обложиле со тенки листови сланина.
Калапот се става во еден поголем сад до пола наполнет со вода и се става во загреана рерна на 180 степени 1 час. Се проверува дали е готов такашто се боцка со ножот кој треба да излезе чист од смесата доколку е паштетата готова. Се чува 12 часа во фрижидер пред да се послужи, а се служи со мармалад од кромид кој се подготвува од кромид, црвено вино, балсамико и шеќер.
Витело тонато (Телешко месо со туна сос)
Состојки:
Телешко месо исечено тенко
За сосот:
туна од конзерва, варени јајца, босилек, капари, инчуни, туна, мајонез, сок од лимон
За поросување: рукола и капари
Приготвување:
Месото се сече тенко и прво кусо се пропржува а потоа се пече. Треба да е малку живо (розе) во средината.
Одозгора се прелива со сосот од туна кој се прави од наведените состојки, такашто сите заедно се мешаат се додека не се добие компактна смеса.
Инаку, Марк задно со своите колеги, најдобрите македонски шефови Никола Мишковски и Зоран Мајновски (потпретседатели), Зоран Андонов, Дејан Карапеев, Бобан Симоновски, и нивниот ПР и менаџер Асан Даутовиќ пред 2-3 месеци ја формираа новата организација чија цел е да го зголеми нивото на гастрономската култура во макеоднија, да ја промовираат истата надвор од нејзините граници, но и да организираат хуманитарни настани.