Не постои доказ дека високото ниво на т.н.лошиот холестерол предизвикува срцеви заболувања, е заклучокот од студијата која на примерок од 1,3 милиони пациенти го направиле 17 реномирани лекари.
Заклучокот на стручњаците е дека ефектот на статините, лековите за снижување на нивото на холестеролот, е многу проблематичен кога се користи како примарна превенција под кардиоваскуларни болести.
Еден од авторите на студијата, васкуларниот хирург од Ирска, Шериф Султан, изјавил дека милиони луѓе ширум светот, од кои голем број немаат историја на срцеви болести, земаат статини „наспроти фактот што позитивните дејства од тој лек не се докажани и дека постојат сериозни нуспојави“.
Султан рекол дека е загрижен и заради популаризацијата на исклучително скапи инхибитори за дополнително намалување на нивото на лошиот холестерол во крвта, кои на годишно ниво чинат околу 20.000 евра.
„Наш предлог е лекарите да престанат на пациентите да им препишуваат статини и наместо тоа, кај пациентите да ја идентификуваат вистинската причина на кардиоваскуларните болести“, рекол доктор Султан.
Во студијата која е објавена во стручното списание Expert Review of Clinical Pharmacology се наведува дека не е утврдена врска помеѓу високото ниво на холестерол и артериосклерозата.
Утврдено е дека кај пациентите со акутен инфаркт на миокардот, нивото на лошиот холестерол било пониско од референтната вредност, како и дека кај здравите лица со ниско ниво на лош холестерол е „значајно зголемен“ ризикот од инфективни болести и рак.
Најголемо откритие е дека повозрасните луѓе со високо ниво на лош холестерол живеат подолго од оние кај кои тоа ниво било под нормалното, навел доктор Султан.
Авторите на студијата посебно испитале дали ризикот од срцеви заболувања се намалил заради пропишување на статини и заклучиле дека во 12 европски држави смртноста од кардиоваскуларни болести помеѓу 2000. и 2012. Година не е намален и покрај масовната употреба на тие лекови.
Хипотезата дека високото ниво на лош холестерол предизвикува затнување на крвните садови се покажала како погрешна. Напротив, заклучокот е дека високото ниво на лош холестерол може да придонесе за продолжување на животот.
Авторите на студијата предупредиле и на многу штетни ефекти од статините кои свесно се минимизираат.