„Сакам Пиво Ден + Крафтинг пивски салон“ е замислен како еднодневна пивска забава на отворено чија цел, освен добрата забава, е да се подигне нивото на консумирање на пивото и пивската култура.
Освен што целта на Вториот Крафтинг пивски салон, преку учество на локалните производители на пиво, увозниците, како и домашните производители на пиво од хоби, е да се допре до вкусот и на оние најпребирливите, ќе се одбележи и 5.годишнината од активностите на порталот сакампиво.мк.
„Пивската култура во Македонија станува сѐ побогата и поинтeресна и последниве неколку години ја доживува својата ренесанса. Сцената на занаетчиските пива, а особено на домашното пиварство од хоби, станува сѐ популарна. Со отварањето на новите пабови и нивната понуда им се дава можност на посетителите да уживаат во изобилството на вкусови на пивската сцена.
Порталот „САКАМ ПИВО“ ентузијастички го следи овој развој на сцената уште од своите почетоци од 2005. година, преку специјализираната продавница за пиво „ПИВОТЕКА“ и преку сајтот кој е задолжен за промоција на пивото и ширење на пивската култура од 2015. година. За таа цел организиравме неколку настани на дегустација и едукација на разновидноста на пивските стилови, спарување на пиво со храна (сирење и чоколадо), но и неколку отворени настани во соработка со Слоу Фуд Македонија како стратешки партнер со кои почнавме да ја шириме и развиваме сцената на домашното производство на пиво од хоби, кое сметаме дека може да биде добра основа и поттик за претварање на тоа хоби во добар бизнис. Занаетчиските пива се издвојуваат пред сѐ, поради својот концепт на традиционално производство и се промовираат како здрав пијалок кој ги има сите потребни витамини за нормално функционирање на човечкиот организам, станува збор за мали серии на производства, непастеризирани и нефилтрирани.
Првиот спонтан настан се случи во Битола заедно со организацијата Слоу Фуд од Битола со кои го организиравме „Есенскиот празник на домашното пиво“ кадешто учествуваа 10-тина производители на домашно занаетчиско пиво од хоби од земјата, но и од соседна Грција и поддржано од нашите локални пивари. Охрабрени од интересот и мотивирани од посетеноста, на 3 март во локалот „Кашмир“ во Скопје го организиравме првиот „Крафтинг пивски салон“ со малку поголем број на учесници, кои за жал не беа подготвени да ги споделат своите пива со јавноста поради малиот број на произведени количини на пиво. Затоа се случи и вториот дел од првиот „Крафтинг Пивски салон“ на 22 декември 2018.година во галеријата во Кинотека на Македонија, кадешто овојпат учесниците (15 на број), беа сериозно подготвени да го споделат со јавноста тоа што го „готват“ во своите подруми.
Со оглед на тоа што домашното производство на пиво од хоби сѐ уште не е регулирано со закон, како што е тоа со виното и ракијата, и е заглавено во лавиринтите на институциите, овие настани се мотив и поттик надлежните институции конечно да го сфатат трендот, да ги дефинираат поимите и да ги одвојат индустриското производство на пиво од занаетчиското, односно, домашното производство на пиво од хоби. Токму поради тоа поддршка на вториот „Крафтинг Пивски Салон“ кој ќе се одржи на 18 Мај во Скопје, освен од старите партнери – Староградско пиво, Наше Македонско пиво и крафт пиварата Темов, организацијата Слоу Фуд Македонија, Пиводром – увозникот на суровини за пиво и опрема, ќе добиеме поддршка и од Пивара Скопје, а ќе земат учество и неколку увозници на пиво кои во моментов ги има на пазарот во Македонија и пабови кои ја промовираат пивската култура.
Планираме „Сакам Пиво ден“ + „КРАФТИНГ ПИВСКИ САЛОН“ да се оддржува два пати годишно. Првиот дел е замислен со учество на увозници и локални пивари од земјата и од регионот, поддржани со домашните производители на пиво од хоби без кој не би имал смисол ваквиот настан и секако, понатамошен развој на сцената и замислен како најголемата денска пивска забава на отворено и тоа само во еден ден. Вториот дел се планира да се одржи во доцниот есенски, односно зимски период и ќе биде помал по обем со учество само на домашните производители на пиво од хоби преку систем на натпревари со доделување на награди и избор на најдобро домашно пиво.
Влезницата за овој настан е 200 денари“, вели организаторот на настанот, Марјан Костадиновски.