Конзервираните сардини се најздрав оброк на брза храна

0
1303

Заради распространетоста и количините, ниските цени и достапноста во текот на целата година, сарделите, односно, сардините (лат. Sardina pilchardus) од дамнина ги нарекуваат и хранителки на Медитеранот.

Во поново време ги сметаме и за едни од најздравите намирници на светот. Сарделите се богати со омега киселини кои се важни за работата на мозокот и срцето. Различни извори се сложуваат дека содржат околу 2 мг незаситени масни киселини по грам, односно, најмалку 1,5 отсто од вкупната тежина на сарделата. Тоа ги става на прво место на извор на омега 3 киселини. Исто така, обилуваат со лесно сварливи белковини (18,4 грама на 100 грама свежи сардели) и се диетални намирници бидејќи содржат само 135 kcal на 100 грама свежи и 260 kcal на 100 грама конзервирани сардини. Содржат и значајни количини на железо, калциум и витамин Д па се особено препорачлива храна за жените на средна возраст, за трудниците и за децата. Особено се здрави малите сардели кои можете да ги јадете цели, со главата, утробата и коските. Така неисчистени имаат 4 пати повеќе калциум од чистените.

Најчисти риби бидејќи се хранат со планктони

Од сите риби сарделите се најчисти. Тие се на дното од прехранбениот синџир, се храни исклучиво со планктони, растат во природно опкружување, мали се и со краток животен век па впиваат многу мала количина жива, пестициди и хемикалии од морето. Освен тоа, сарделите го задоволуваат и еколошкото барање за одржливост: хранејќи се со сардели не го поттикнувате загадувањето на природата и не ги уништувате природните ресурси. Обично под називот „сардели“ се подразбираат свежите, а под називот „сардини“ – конзервираните.

Првите конзервирани сардини, наменети за војниците на Наполеон

Конзервираните сардини стигнале на хрватскиот брег во првата половина од 18.век како храна за војниците на Наполеон со францускиот назив „sardines“. Планирајќи да го освои светот Наполеон морал да смисли и начин на кој ќе ја храни својата голема војска во походите на далечните земји. За таа цел распишал конкурс за награда од 12 илјади франци за изум за начин на чување на храна која ќе може да ги засити војниците и да биде доволно квалитетна и здрава.

Шефот Николаус Аперт го осмислил процесот на конзервирање, а сарделите биле одбрани поради изобилството и ниските цени. Освен тоа, биле и повкусни од се што дотогаш имало во војничките порции.

Бидејќи со постапката на конзервирање не ја губат хранливата вредност, конзервите сардини се најздрав оброк на брза храна, особено ако се во квалитетно маслиново масло. Нутриционистите советуваат да се јадат најмалку еднаш неделно.

Доколку имате шанса да купите свежи сардини, одбирајте ги оние кои имаат сјајни и испапчени очи, напната сребрено-сива кожа, шкрги со свежа црвена боја, а утробата треба да им биде цврста и чиста. Лесно се чистат, лушпите им се симнуваат и со лесен потез со прстот. На Медитеранот често се јадат цели, со утробата и со главата, особено кога станува збор за малите сардели, т.н. папалини. Се смета дека нивната утроба е чиста затоа што се хранат со планктони. Сарделите кои се печени со утроба, имаат специфичен, поостар вкус. На поголемите сардели какви што се ловат во Пацификот и кои достигнуваат и повеќе од 20 цм должина, утробата им се отстранува.