Додека одевме по камените улички на Хвар, сретнавме една жена која во раката држеше убава шарена роденденска торта. Се прашавме од каде ли ја носи и посакавме да не се лизне по лизгавите камења на градот. Таман ја одминавме, веќе зад следниот ќош наеднаш не удри преубава арома на стопено чоколадо, путер, мед, карамел, тазе печени колачи и пред очи ни излезе сликата на Жилиет Бинош од омилениот филм „Чоколадо“.
Видовме две три мали масички и веќе бевме тука, пред прагот на волшебната „Кармен“. А таму, наместо Жилиет Бинош беше една симпатична жена која тукушто се симнуваше по скали со тепсија полна со колачи. Веројатно нашите очи беа премногу широко отворени за да не ја забележи нашата состојба… Ни ја подаде тепсијата и рече: „земете, пробајте!“
Нормално дека пробавме. Едно по половина, иако настојуваше да земеме повеќе. Ама и ние не сме толку наивни…сакавме да пробаме и од другите. Си одбравме два колача, седнавме и додека полека ги густиравме ја слушавме приказната на хварската Жилиет Бинош, госпоѓа Марија Жуаниќ.
„Јас не сум хваранка, по потекло од Имотски, но живеам тука повеќе од три децении. Цели 28 години работев во комплексот хотели „Сончев Хвар“ на Хвар, како слаткарка. Потоа, почнав да правам колачи и дома, по нарачка, но откако сопственичката на куќата во која е сега мојата слаткарница, сега покојната госпоѓа Кармен, ме окуражи и ме мотивираше, решив да си отворам своја слаткарница и да ја работам самостојно работата која толку многу ја сакам. Положив мајсторски испит и пред три години, на свои 45 години, ја отворив оваа малечка работилница и слаткарница која ја нареков „Кармен“, во чест на жената која беше мојот добар дух и ме мотивираше да почнам со свој бизнис, но и во чест на мојата баба која го носеше истото име.
Од тогаш наваму го правам тоа што најмногу го сакав и го работев и претходно цели 33 години. Работам преку цела година, во зима сама, а во лето со две помошнички. Доаѓаат тука одвреме навреме и туристи, но мојата работа е главно за локалните луѓе, оние кои живеат овде и во зима и во лето. Јас си ги сакам моите стални муштерии, кои толку ги сакаат и уживаат во сите оние наши традиционални домашни колачи кои се правеле и во минатото, како тортата од бадеми, медењаците, рожати, бруштулани мендули …Молам? Да, да, тоа се оние карамелизирани бадемчиња што ги имаше порано во „Краш“.
И така, додека таа ни раскажуваше за тоа како изгледа да се води свој бизнис и да се ужива во овие прекрасни ароми, горе се печеше десетата торта за тој ден. Да, само за нарачки вредната Марија дента направила 10 торти, настрана другите ситни колачи и оние кои треба да ги има за случајните минувачи кои ќе посакаат да пробаат нешто слатко. И ја прашавме дали прави папрењаци, оние традиционалните хварски колачи за кои ни кажаа дека повеќе никој не ги прави рачно.
„Јас не ги правам затоа што и не сум хваранка. Понекогаш кога ќе ми нарачаат, можам да ги направам, но тие нема да бидат никогаш како оние што ги прават старите жени кои сѐ уште живеат тука и ги прават дома, за своите семејства и за различни поводи. Знам за жената која ги правела и ја напуштила Хрватска и можам да кажам дека е вистинска штета што не се сретнавме пред да си замине, можевме да работиме заедно, затоа што, не е поентата да се замине од државата, туку да се остане. И јас не добив ништо од државата, се задолжив и влегов во ризик. Сега го работам тоа што го сакам и задоволна сум. Не очекувам да се збогатам, туку да живеам работејќи ја работата што ја сакам“, но објасни госпоѓа Марија, а потоа побрза да ја заврши тортата. Чоколадна торта за 30 луѓе…Хм, а каде ќе се сече?