Незнам зошто велат дека босилекот ги бркал комарците. Додека јас седам на тераса полна со саксии со босилек, секогаш се тука и тие – другарчињата комарци.
Па кој може да ѝ одолее на оваа арома?
Кога ќе наберете свеж босилек за песто и кога кујната ќе ја преплави неговата арома, таа ќе ве „џитне“ далеку од вашата кујна и од сѐ околу вас. Ехеее, дури до Џенова.
А од таму потекнува и најубавиот ладен сос од свеж босилек, токму затоа познат како песто џеновезе.
Велат дека за да се направи ова песто по оригиналниот рецепт, потребно е да се задоволат строгите критериуми за потеклото на состојките. Тие пак подразбирале босилек од Џенова, маслиново масло од Лигурија (италијанскиот регион чиј главен град е Џенова), пармезан и пекорино DOP, односно со заштитена ознака на потекло, и да се држите до постапката за приготвување.
Нашето песто не ги задоволува условите што се однесува до потеклото на состојките, а ниту пак се придржувавме до постапката за приготвување со гмечење на листовите босилек во аван, но сепак, пестото излезе одлично.
Генерално, секое песто е слично и ако во него има босилек, пармезан и маслиново масло, тогаш е тоа „вистинското“, без оглед на нијансите. Колку домаќинства, толку верзии, а нашата, наместо песто џеновезе, ја нарековме „блесто тафталиџаре“.
Состојки:
Многу свеж босилек пораснат и набран во Тафталиџе 1, маслиново масло (домашно, далматинско), лукче од пазарче, малку морска сол и пармезан од најефтиниот (во пакувања од 40 грама).
Многумина додаваат и пињоли или некои други јаткасти плодови како индиски ореви или бадеми, но ние не ставивме ништо од тоа.
Како и да е, сите состојки се ставаат во блендер, се блендираат, а потоа пестото се става во чисти теглички и се прелева со уште малку маслиново масло.