Почетоците на пиварството во Македонија се врзани за Битола, велат организаторите на првиот фестивал на занаетчиски пива во овој град.
„Традицијата на консумација, боемството и интересот на новите генерации за занаетчиските пива, не инспирираа да се зафатиме со организирање на првиот пивски фестивал во нашиот град“, велат организаторите – конвивиумот „Слоу Фуд Битола“ во соопштението за „Бирарија“ кадешто ја објавуваат и програмата која ги очекува посетителите на првото издание на овој фестивал, утре, во Битола.
„Бирарија“ е концепт кој ја применува филозофијата на Слоу Фуд во производството, презентацијата и консумацијата на пиво, истовремено градејќи ја пивската култура. Концептот го нагласува уникатниот карактер на секое пиво, квалитетните состојки и над сè почитување на знаењето и искуството на локалните пивовари, во суштина спротивно на стандардизацијата на вкусовите на пиво. Истовремено, ни служи и како место за промоција и пренесување на трендот на глобалната револуција на занаетчиското пиво во Македонија.
Преку фестивалот Слоу Фуд има за цел да промовира и да го поддржува локалното занаетчиско производство на пиво, од домашните производители до микро пиварниците и да ја поттикнеме потрошувачката на свежо, непастеризирано пиво во пивниците и продавниците, нудејќи им го најдобриот избор на потрошувачите.
На првото издание на „Бирарија“ планирано е да се претстават 15 производители со 50 етикети на пиво, кои ќе бидат дегустирани од голем број на љубители на занаетчиското пиво“, се вели во соопштението на „Слоу фуд Битола“.