За нутритивните вредности на тиквата веќе пишувавме, но еве еден предлог како со нејзина помош да го кренете вашето мени на едно повисоко ниво.
Само внимателно додека ја сечете бидејќи е исклучително тврда. Затоа пак, кога ќе се обработи термички, мека е како путер.
Најдобро е да ја консумирате печена или да ја динстате, да направите пире, да го замрзнете и секогаш да го имате при рака. Потоа со него можете да правите буквално се.
Еве го и нашиот предлог за денеска.
Состојки:
500 г мелено месо
трошки леб
1 јајце
магдонос
2 чешниња лук
1 лажичка куркума
чили
сол, црн пипер
тиква
сончогледово масло
маслиново масло
путер
павлака за готвење
цвекло
Приготвување:
1. Натопете го лебот во вода за да омекне, а потоа додадете го меленото месо заедно со јајцето, зачините и сечканиот магдонос. Измешајте и формирајте топчиња кои ќе ги испечете во тепсија на малку масло.
2. Тиквата исечете ја на коцки кои ќе ги наредите врз хартија за печење во тепсија. Прелијте ги со малку маслиново масло и зачинете ги со сол, па ставете ги да се печат (може и во исто време со ќофтенцата).
3. Кога тиквата ќе омекне ставете ја во сад, додадете путер, маслиново масло, павлака за готвење и по потреба уште малку сол и црн пипер. Се измешајте во блендер или со миксер. Цвеклото излупете го и исечете го со помош на ножето за лупење на тенки парченца и печете ги додека не станат крцкави.
4. Сервирајте го пирето од тиква во длабока чинија и спуштете ги внатре ќофтенцата и неколку парченца чипс од цвекло.