Сигурно сите сте слушнале дека рибата и воопшто, морската храна се здрави за консумација, но сигурно сте слушнале и мноштво вести за радијација во морињата, за дамките од нафта кои пливаат, за отпадот во кои се заплеткуваат рибите и другите морски суштества, но и за неконтролираната експлоатација на морињата и океаните што би можело да доведе до екстремно намалување на резервите. Се предвидува дека рибата, особено морската и морските плодови, ќе бидат скапоцена реткост во годините што доаѓаат. Загадувањето со жива ги погодило езерата, мочуриштата, реките, морињата, океаните. Присуството на жива во рибите е наша реалност.
Сепак, тоа не значи дека би требало да престанеме да јадеме риба бидејќи таа и натаму спаѓа во најздравата храна на планетава. Секако, важно е да го знаеме потеклото на храната и да ја зголемиме нашата безбедност.
Она што најчесто го консумираме, а на што треба да се обрне особено внимание кога станува збор за загадувањето со жива, е туната. Честопати многу од нас купуваат конзерви со туна, а оваа риба спаѓа помеѓу поопасните кога станува збор за загадувањето со жива. Се разбира, помали количини, особено ако не станува збор за бела туна, не се штетни.
Помеѓу рибите со најголем процент на жива (кои би требало да ги избегнувате, а тоа особено важи за децата и за трудниците) се: сабјарка, ајкула, кралска скуша, морска пастрмка и т.н.голема градителка (tilefish).
Риби и морски плодови кои имаат помалку жива се: туна (повеќето видови), шпанска скуша, чилеански бранцин, јастог, иверак, марлин (вид на сабјарка)…
Риби и морски плодови кои немаат многу жива се: шаран, слатководен смуѓ, пастрмка, лигњи, рак, грдобина, пацифичка скуша, а уште помалку имаат: сомот, ципал, харинга, бакалар, сардини, ослиќ, остриги, лосос…
Во суштина, ситните риби се секогаш побезбедни затоа што содржат во себе помали количини на жива, па се обично бебедни и за трудниците. Исто така, рибините стапчиња обично се прават од поситни риби, па и тие се безбедни.
Рибата, а особено морската, е многу важна во исхраната и заради живата не би требало да ја избегнуваме, само да ја контролираме количината и видот. За повеќето луѓе умерени количини не претставуваат опасност, но малку поинаку е кога стабнува збор за трудници и за мали деца. Секако, сепак се зависи од количината на риба која ќе ја изедете, односно од видот на риба, па со самото тоа и од количината на жива која ќе ја внесете.
За трудниците, за оние кои сакаат да забременат, за оние кои дојат и за помалите деца се препорачува да се држат за рибите и морските плодови кои имаат мал процент на жива. Но и овие треба да се ограничат на околу 340 г неделно. Риби кои имаат најмалку жива, а најчесто се консумираат се шкампите, лососот, сомот и еден вид на бакалар. Во секој случај, побезбедни се јадранските риби како и речните, но се разбира, доколку се реките чисти.
Живата со време се собира во телото, но и природно ја исфрламе. Понекогаш е потребна долгогодишна консумација за нивото во живата во нашето тело позначајно да порасне. Но, тоа може да влијае на оние жени кои сакаат да забременат па неколку месеци пред планирање на бременоста би требало да намалат со консумирањето на оние видови на риба кои имаат многу жива.
Најпаметно е ако рибата се консумира според оние стари совети дека два пати неделно е сосема доволно.
Ако пак летово се најдете на некој од јадранските острови, уживајте во локалните риби и не мислете на живата. Јадранското море е се уште едно од почистите. Пробајте од кралицата на морските риби, јадранскиот зубатац, шкрпина, овчица или некој друг вид на јадрански помали риби, или пак препуштете му се на уживањето во добро подготвените јастози или во свежите каменици.