Истражувачите од кинеската корпорација за свемирска наука и технологија, која е најголем производител на ракети во земјата, осмислиле рачен уред наменет за домаќинствата и за останатите купувачи на пазарот на прехранбени производи.
„Трагачот за свежина“ е електронски уред кој ја одредува свежината на месото.
Овој изум се заснива на сензори и на мерни технологии кои веќе долго им служат на проектилите, ракетите и свемирската опрема, како што истакнува „Чајна дејли“.
Потребно е само да се инсталира апликација на мобилниот телефон и да се стави апаратот близу месото на десетина секунди.
Имено, „трагачот“ е поврзан со мобилниот апарат преку „блутут“. Апаратот ја мери присутноста на амонијак и други органски соединенија за да ја утврди бактериолошката активност во свежото месо. Потоа ги анализира резултатите и ги исчитува на телефонот.
Овој апарат може да се користи за секој вид на месо – вклучувајќи свинско, говедско, јагнешко, пилешко, па и за риба.
Првата верзија на апаратот е од 80 до 90 отсто прецизна, а понатамошната надградба на хардверот и на апликацијата ќе ја зголеми точноста на проценката.