Куркумата има во себе важни витамини и минерали, како што се железо, манган, калиум, витамин Б6 и витамин Ц. Истражувањата и историјата покажуваат дека куркумата може да се користи за лекување или спречување на разни заболувања, па е добро да ја користиме како зачин во исхраната колку што е можно повеќе.
Еве неколку идеи.
Користете ја свежата куркума во вашето смути
Неколку сантиметри излупена свежа куркума може да го обои вашето смути со прекрасна портокалово-жолта боја. Освен тоа, вашето здраво смути на овој начин ќе биде уште поздраво. Пробајте ја комбинацијата од манго и куркума.
Направете златно млеко
Златното млеко е одличен напиток во борбата против настинката и грипот. Како да го направите погледнете тука.
Користете ја како замена за сенф или шафран
Ако имате некој рецепт во кој се користат сенф или шафран, можете да користите куркума како поздрава варијанта.
Белиот ориз направете го златен
Некои луѓе користат свеж сок од куркума за да го обојат оризот. Меѓутоа, ако немате свеж сок од куркума, може да послужи и куркума во прав.
Исушете корен од куркума
Ако ви остане од коренот куркума и не знаете што уште да направите со него, исушете го и направете си своја куркума во прав. Од исушениот корен можете да направите и чај од куркума.
Направете омлет
Осмелете се и од најобичниот омлет направете го највкусното и најнеобично јадење. Едноставно е, само додадете во изматените јајца малку сок од куркума и испечете ги на вообичаениот начин.
Заменете го карито со куркума
Наместо кари, во своите јадења додавајте куркума.
Направете вкусна маринада за пилешко
Куркумата оди одлично со пилешко месо. Еве едноставен рецепт со кој ќе го збогатите своето јадење. Рецептот за маринада е доволен за 500 г пилешко.
Состојки:
1 шолјичка јогурт
¼ шолјичка маслиново масло
1 лажица рендан корен од куркума или куркума во прав
1 лажица ѓумбир во прав
Сок од 1 лимон
1 лажица ким во прав
½ лажица црн пипер
1 лажичка сол
1 чешне лук
Приготвување:
Помешајте ги сите состојки, и ставете го пилешкото во смесата и оставете го барем 2-3 часа пред печењето.
Користете ја куркумата во бистрите супи
Една лажичка куркума во прав е доволна целиот оброк да добие сосема нов егзотичен вкус.
Куркумата е одличен додаток на салатите
Наместо мајонез, обидете се да направите поинаков прелив за салата од павлака за готвење во која ќе додадете и лажичка куркума во прав.