Кафе од мелен р’ж

Р'жта дава сила, ја збогатува крвта со железо, помага при проблеми и болести поврзани со циркулацијата на крвта, добра е за дишните органи, а порано со неа лекувале и глисти. Пробајте, наместо кафе, сварете си топол напиток од р'ж

0
472

Кога ќе влезе човек во кикиритџилница, леблебиџилница, семкара, или накусо, во некоја од оние мали трафики за кафе кои сѐ уште постојат во нашите градови, ќе најдете едно чудо интересни, здрави, одамна заборавени производи, но и такви кои сега, кога здравата храна е во тренд, повторно се враќаат во нашите кујни.

Ќе признаете, мирисот на тазе мелено кафе е најубав и иако сега не се мели насекаде како порано кога се мелеше дури и во малите маалски самопослуги, сѐ уште има места кадешто може да го почувствувате.

Знаеме дека порано старите го мешале кафето со наут или со цикорија (дивка), но дали знаевте дека може да се прави „кафе“ и од мелен р’ж. Всушност, нема врска со кафе, ама се вари како кафе. Нашиот пријател Шериф Ибиши од „кикиритџилницата“ во Порта Буњаковец, ни го понуди како врвен специјалитет, измери, смели и веднаш ни понуди да ни истресе во дланките по малку за проба.

И не е лошо, воопшто не е лошо. Може да се проба во комбинација со мелен уров, бидејќи оваа мешавина е позната како народен лек против маснотии во крвта, може да се помеша со кафе, а може да се пие сварено како кафе и вака, како што пробавме денеска, само за себе.

Р’жот е член на групата на пченични растенија и е во блиско сродство со јачменот и пченицата. Зрната р’ж освен за брашно и кафе, се користат и за правење на извесни видови на виски и вотка. Зрната се консумираат и суви, во облик на снегулки.

Инаку, оваа житарка во својот состав содржи јаглени хидрати, протеини, масти, минерали (калциум, фосфор, железо, натриум, сулфур и манган) и витамините Б и Ц.

Р’жта дава сила, ја збогатува крвта со железо, помага при проблеми и болести поврзани со циркулацијата на крвта, добра е за дишните органи, а порано со неа лекувале и глисти.