Кадешто е Свирче, таму е срцето на Хвар и најдобрите вина

Прашавме која е најпозната винарија на најсончевиот остров, а кое најпознато вино и повеќемина ни кажаа: „Свирче“ е винаријата што ја барате, а „Иван Долац“ - виното.

0
484

Бидејќи се наоѓаме на најсончевиот јадрански остров кој е познат и како остров на виното, решивме дека е време да посетиме и некоја винарија. Прашавме која е најпозната винарија, а кое најпознато вино и повеќемина ни кажаа: „Свирче“ е винаријата што ја барате, а „Иван Долац“ – виното.

Стапивме во контакт со првиот човек на винаријата „Свирче“, господин Андрија Цариќ и договоривме средба во Стари Град. Додека се возевме со автобусот во кој бевме единствени патници бидејќи шоферот го носеше на паркинг во Јелса, разговаравме со него и во еден момент го прашав дали знае каде е винарија Врапче.

„Врапче? Првпат слушам“, рече тој и чудно ме погледна во ретровизорот. Замолчев. После некои 5 минути, реков: „Знаете што, не е Врапче, туку Свирче. Некако, ме повлече ова „че“ на крајот“.

Се изнасмеавме. Сепак, „окото“ од горе силно пече овие денови насекаде, а замислете колку пече на најсончевиот остров!

Како и да е, стасавме во Стари Град и веднаш после фестивалот посветен на Пелинковец, кадешто имаше дури три пелинковци од „Бадел“, инаку, стратешки партнер на винаријата „Врапче“ (гледате како е сето тоа изврзано и поврзано), го лоциравме и господин Андрија Цариќ.

А тој е родум токму од селото Свирче кадешто и живее со своето семејство.

Впрочем, токму таму, во Свирче, се наоѓа и истоимената винарија.

А каде е Свирче? Се наоѓа во срцето на островот Хвар, во близина на селата Врбањ и Дол, сите три сместени под врвот Свети Никола (највисокиот врв на островот-626 м). Има околу 600 жители.

Под селата се протега Староградското поле, Chora Farou или Ager Pharensis кадешто е и вистинскиот почеток на хварската винска приказна. И денеска како и некогаш тука се одгледуваат винови лози, смокви и маслинки.

Нашиот домаќин, господин Цариќ, со гордост зборуваше за Хвар и за хварските вина.

„Хвар е познат по винарството уште од античко време, кога во 384. година пред Христос Грците го основале древниот град Фарос, а винската приказна почнува во Староградското поле (Chora Farou или Ager Pharensis).

 

Со својата микроклиматска разновидност овој јадрански бисер е способен да подари величенствени вина со различни стилови на автохтони далматински сорти од кои некои ги нема на ниту едно друго место освен на Хвар, како на пример, сортата Богдануша“, раскажува г.Цариќ одејќи по староградската рива и застанува на местото на „злосторот“ – поточно, просторот кадешто сите се добредојдени и можат да ги дегустираат вината на „Свирче“.

Перјаница на винаријата „Свирче“ е виното „Иван Долац“ – барик, вино добиено од сортата плавац мали од јужните падини на Хвар. Освен ова вино, вредно за внимание е и виното Плавац Медитерано, како и виното Пошип де лукс – од сортата која расте покрај море и е единствено бело вино на Медитеранот кое, како што вели нашиот соговорник, никогаш не се прскало.

„Квалитет на виното не му дава сортата, туку земјата“, вели г.Андрија кој не ја крие гордоста кон својот крај и додава: „А Хвар има квалитетна земја, особено онаа на јужната страна од островот, кај местата познати како Иван Долац и Света Недела“.

Инаку, Свирче не е обична винарија, туку е најголемата на Хвар. Станува збор за единствена задруга која ги обединува речиси сите лозари од островот, практично, околу 70 отсто од сето грозје што се произведува на островот доаѓа кај нив.

„Оваа задруга постои од 1997.година кога почнува со откуп на грозје за „Бадел 1862“, a од 1999. година почнува со производство и полнење на вино. Со Бадел имаме договор за деловно-техничка соработка. Ние произведуваме,  тие мора да дојдат само за време на бербата, го контролираат откупот и влезот и квалитетот на грозјето, а во Загреб, поточно во Бадел, се прави и полнењето и флаширањето. Исто така, вината и се продаваат преку дистрибутивната мрежа на Бадел, всушност, преку неа се продава 80 отсто од целото производство“, објаснува Цариќ.

Нивната мисија е производство на врвни вина со специфичен квалитет, а нивната визија е да станат водечки производител на еколошки врвни вина на европскиот пазар. Инаку, цената на овие вина, е само 12 куни за литар наливно вино, по кое тука чешките туристи доаѓаат со празно шише од Кока-кола кое им го полнат со квалитетно вино за мали пари. Флашираните вина чинат од 30 до 500 куни за шише.

Ние пробавме вино од сортата Богдануша и, се разбира, не пропуштивме да пробаме и чаша црно суво вино од сортата Плавац мали.

Навистина посебни вина, токму како и островот од кој потекнуваат.