Пестото најчесто се прави од билки, ореви, маслиново масло, лук и пармезан, а одлично оди со тестенини, а може да се послужи и на брускети, на пица или некој сличен производ.
Постојат и разни други варијанти на песто, а ние најдовме еден рецепт за ова лесно летно песто во кое не оди ниту капка масло. Наместо тоа послужете се со таан, односно со паста од сусам поради кој сосот ќе биде кремав и со многу богат вкус.
Таанот можете да го направите и сами со мелење на сусамот во паста. Ако при рака немате сусам или пак сте алергични на него, заменете го таанот со свежо авокадо.
Состојки:
2 тиквички
50 грама свежи листови од босилек
2-3 чешниња лук
2 лажици таан (или 1 авокадо)
сол и црн пипер по желба
Приготвување:
Исечете ги тиквичките на тркалца дебели околу 2 сантиметри и обработете ги на пареа на кратко (околу една до две минути) додека не омекнат малку.
Ставете ги во сецко или во блендер и измешајте ги заедно со свеж босилек, излупен лук и таан (или авокадо). Мешајте додека не добиете кремава смеса. Зачинете по вкус.
Фото: Pixabey