Една шпанска студија објавена во научното списание „International Journal of Cancer“ предлага најдобро време за вечера и го поврзува со намалениот ризик за заболување од одредени видови на рак.
Научниците во истражувањето вклучиле 621 маж со рак на простата, 1205 жени со рак на дојка и 2193 здрави лица без рак.
Резултати
Резултатите на студијата покажале дека луѓето кои јадат пред 21 часот навечер, односно, најмалку два часа пред да одат на спиење, имаат 20 отсто помал ризик да заболат од рак на дојка или од рак на простата.
Научниците веруваат дека тоа би можело да има врска со пречките во ритамот на спиењето при што не се до крај јасни „механизмите поради кои тоа се случува“, смета др. Манолис Когевинас, главен автор на студијата и научник во Заводот за јавно здравство во Шпанија.
Попречување на природниот циклус на сонот и будната состојба
Резултатите од оваа студија се поклопуваат со веќе познати резултати од други истражувања. Имено, лицата на кои од некоја причина им се прекинува природниот циклус на будност и сон (како на пример, на работниците во ноќна смена) имаат поголем ризик да заболат од рак.
Сличен ефект би можела да има и вечерата непосредно пред одење на спиење. Но таа теза секако, се уште ќе се испитува во следните истражувања се додека не се донесат конечни заклучоци.
Сепак, ви советуваме, додека не се покаже поинаку, избегнувајте да легнувате со полн стомак.