И во зима чинијата може да биде „пролетно“ шарена

Црвена зелка, кисела туршија, малку свежо магдоносче и чинијата ќе заличи на пролетна.

0
182

За црвената зелка веќе знаеме дека има големи нутритивни вредности, поголеми од оние на зелената зелка. На пример, црвената зелка задоволува дури 85 отсто од нашите дневни потреби за витамин Ц, за разлика од зелената зелка која задоволува 47 отсто од дневните потреби за овој исклучително важен витамин.

Инаку, црвената зелка е побогата со витамин Ц и од самите портокали.

Таа спаѓа помеѓу алкалните намирници кои одржуваат здрави pH вредности во организмот и штитат од воспалителни процеси, рак и други тешки заболувања. Оваа суперздрава намирница чија прекрасна виолетова боја укажува на богатство на антоцијанини, содржи тиамин, фолати, калциум, манган, магнезиум, железо и калиум, витамини Ц, А, Е и К, диетални влакна и витамини од групата Б.

Според истражувањата, во живата туршија и киселата зелка има огромни количини на пробиотици. лактобацилите и нивни ензими прават чуда за дигестијата, а со присуство на мноштвото од диетални влакна, кои исто така ги има во туршијата, делуваат превентивно врз дигестивниот тракт и штитат од повеќе заболувања.

Свежа зелка имаме на располагање во текот на целата година, па така секогаш можете да си направите брза салата со зелка, а најдобро е да биде тоа црвена зелка, свеж магдонос, маслиново масло, сол и оцет. Ако имате и жива туршија која е вистински зимски извор на витамини, ќе добиете навистина прекрасна шарена и вкусна порција полна со витамини.

И после, немало што да се јаде во зима…