Кога се оди на планина, се знае, треба храна со која ќе ја надополните потрошената енергија, а тоа е токму онаа храна која ни е обично забранета, што помрсна, тоа подобро.
Викендов, планинарите кои од Скопје тргнаа на еднодневна планинарска акција на планината Бесна Кобила во соседна Србија, таму ги пречекаа снег и магла.
Се чинеше како скопската магла да ги спакувала куферите и заминала на Бесна кобила, на рехабилитација. Затоа што маглата на планина ги нема оние ПМ10 честички со кои се плашиме и себеси и децата како на времето со баба Рога.
„Не излегувај надвор, ќе те јаде баба Рога“, велевме порано, а сега тоа звучи малку поинаку: „Не излегувај надвор полно е со ПМ 10 честички, рак ќе фатиш!“
Но, темата на овој текст не е маглата, а уште помалку скопската магла, ниту пак е тема загадувањето со ПМ10 честички, туку менито на планинарите кои од скопската магла побегнаа на планина и таму, додека дел од нив храбро продолжија кон врвот Бесна Кобила, инаку, највисок врв во Југоисточна Србија, на 1923 метри н.в., дел останаа во планинарскиот дом на 1480 метри н.в.
И токму тие се дел од нашата приказна.
Чекајќи ги оние кои тргнаа да ги искачат оние 557 мнв.до врвот, вториве се распослаа во добро затоплениот планинарски дом, ги отворија ранците и гозбата почна.
Пача, чварки (се разбира, домашни и, како што рече водичот на групата, направени од пафлак), сланина, макало со лути пиперки и маслинки, овчо сирење и козји кашкавал, ракија, вино, а да … и чај, секаков, главно планински.
Иако дел од планот беше и посета на Врањска Бања поради што секој планинар во својот ранец требаше да си носи и костим за капење, или, како алтернатива за оние кои не зеле костим за капење, посета на некоја знаменита врањска кафеана, на прасечко врањанско печење, после обилната трпеза во планинарскиот дом, не останаа доволно голем број јунаци кои ќе го продолжат патешествието удолу од врвот, на бања или во кафеана.
Сепак, беше тоа убав ден во друштво од многу знајни и незнајни гурмани и љубители на природата и планините.
Драгица Христова