Иако се припаднички на две генерации помеѓу кои би требало да стои голем тридецениски јаз, кај нив можат да се забележат големи сличности и многу, многу мостови кои ги поврзуваат и не дозволуваат да се почувствува разликата во годините.
Прво, станува збор за две жени кои се секогаш насмеани и ведри, а второ, обете се вредни, креативни, енергични и динамични.
Василка Стефановска е пензионерка, но не од оние кои седат дома и не знаат што да прават со себе и со слободното време, туку е жена од акција, постојано во нови проекти и целата во планови за следните, на чело на организацијата Слоу Фуд Водно.
Ирина пак е основач на АРНО и иако има само 34 години, зад себе има 19 години стаж на активист во граѓанскиот сектор.
Зборувавме со нив по повод нивниот заеднички проект Часови по готвење со Слоу Фуд во кој ги здружија идеите, минатите искуства и целите.
Приказната на Василка Стефановска
„Пред десетина години вртејќи по интернет страниците кои се занимаваат со гастрономија, наидов на активности во врска со Слоу Фуд. Тоа ме заинтересира затоа што е во доменот на моето професионално занимање.
Со мојата колешка Анета Мострова стапивме во контакт со одговорните за проектите за едукација.
Имаше еден интересен проект за училишни кујни. Ние почнавме да работиме со нашите ученици и постојано праќавме извештаи.
Потоа, во некои наши преписки откривме дека во Македонија има Слоу Фуд следбеници и исконтактиравме со нив. Тоа беа Слободан Чокревски, Николче Николовски, Нада Караиванова и Тодор Стојчевски. Се здруживме и тркалото почна да се тркала.
Заштитата на традицијата во одгледувањето на градинарските култури, благосостојбата на животните, едукацијата на населението во врска со заштитата на локалната храна се темите на кои работиме“, раскажува за својата прва средба со нејзината денешна преокупација, претседателката на Слоу Фуд Водно.
На прашањето дали е таа причината поради која нејзините поранешни ученици од средното угостителско учииште „Лазар Танев“, а денеска врвни шефови и нејзина голема гордост, Маре Јаневска, Зоран Мајновски, Бобан Симоновски и Дејан Карапеев, станаа дел од Слоу Фуд алијансата на готвачи, вели:
„Маре, Зоран, Боби, Дејан ја следеа мојата активност и ја препознаа пораката на Слоу Фуд. Посакаа да бидат дел од активностите и нивната желба е традиционалните рецепти да го задржат својот дух.Тие ги следат новите трендови во гастрономијата и сѐ што сметаат дека нема да ја наруши основата на традицијата во приготвувањето на јадењата, секако дека го применуваат“.
За часовите по готвење токму кај овие големи мајстори и за соработката со АРНО и со Ирина, Василка вели:
„Со АРНО се запознав пред неколку години кога го започнаа својот проект со кулинари во училиштето. Не спои иста идеја, која се спроведува на различен начин, но крајната цел е иста – Заштита на биидиверзитетот, заштита на традицијата, поттикнување на локалните производители и поттикнување на претприемничкиот дух. Она што најмногу ми се бендисува кај АРНО е желбата да им се помогне на младите готвачи да напредуваат во својата струка, да се осамостојат и да знаат на кој начин да го презентираат своето знаење.
Идејата за овој проект си дојде некако сама по себе. Нашите разговори за она што работиме ја откри и нашата желба за заедничко делување“, вели Василка.
А за училиштето, за новите ученици и новите времиња, како и за целите на овој заеднички проект со АРНО, вели:
„Јас во училиштето работев 35 години. Кога се вработив на конкурсите се појавуваа трипати повеќе кандидати од потребниот број. Сега состојбата е многу различна. Секако дека еден од мотивите за работата на овој проект е да ги мотивираме основците да ја најдат својата иднина во професијата готвач. Проектот треба да придонесе и за ширење на идејата на Слоу Фуд со што ќе овозможи и подигање на свеста кај населението за значењето на употребата на храната која е карактеристична за соодветна сезона, храна која има кратка километража. Исто така, на овој начин би сакале да ги промовираме и локалните производители кои неуморно работат, а се потзаскриени од напливот на индустриските производи на пазарот“.
Приказната на Ирина Јаневска
„Од мојата 15. година, кога и почнав со волонтерски ангажман, сум дел од граѓанскиот сектор. Тоа би значело дека зад себе имам многу, многу инцијативи и „стаж“ на активист од 19 години. АРНО ја основав во 2013. година, сфаќајќи дека во мене носам доста неконвенционални идеи и креативни пристапи кои не секогаш добиваа поддршка во другите организации кадешто работев.
Затоа регистриравме здружение за социјални иновации, кое од самиот почеток беше инспирирано од социјалното претприемништво и храна.
Преку работна стипендија што ја добив од Британската амбасада имав шанса да работам во социјално претпријатие во Англија, и преку него да стигнам до ресторанот на Џејми Оливер „15“- кој исто така е социјално претпријатие.
Кога се вратив во Македонија чукнавме на вратите на средното угостителско училиште, бевме срдечно пречекани, но и тажни што сликата за средното стручно образование, кое ако во Англија е престиж, кај нас е благо кажано- потценето. Тоа не мотивираше да засукаме ракави и да се вложиме во областа на подобрување на угледот на стручното образование, област во која не работат многу организации или можеби работат, но не со нашиот пристап.
Кога го реализиравме првиот проект на АРНО – „Кул е да си кулинар“, сите беа воодушевени.
Конечно, го добив и охрабрувањето и поддршката од родителите на кои им станаа појасни малите-големи приказни на „невладините“. Тоа дополнително ме охрабри бидејќи кај нас перцепцијата за граѓанскиот сектор е чудна, веројатно од техничкиот јазик и многуте анализи, дебати, кружни маси и целиот контекст, не успеавме да допреме до луѓето и да им објасниме какви сѐ промени правиме во општеството. Со проектот „Кулинари„ мислам дека доста успеавме во тоа. И бевме доста искрени и реални.
Овој пристап го задржавме и за нашите други проекти, и се покажа повторно како ефикасен“, раскажува Ирина.
Во меѓувреме, „Кулинари“ стана силен бренд, па луѓето мислат дека е посебна невладина организација, а не проект на АРНО.
Нас, вели Ирина, тоа не радува, и ни дава сигнал дека имаме навистина силна мисија која е препознаена.
Минатиот период од две години бевме по потрага по поддршка од донатори, и кога го видовме повикот на КОНЕКТ знаевме дека е прекрасна можност. Бевме одбиени од други донатори за слични идеи, каде преку неформално образование би работеле на подобрување на мотивацијата на учениците-готвачи да си ја засакаат професијата, и на нивните вештини кои ќе им обезбедат не било каква работа во кујна, туку кариера.
За среќа, нашата апликација поднесена пролетта беше успешна и така нашата желба да работиме и со учениците-готвачи и да го практикуваме социјалното претприемништво за кое толку се залагаме, стана реалност. Оваа иницијатива е продолжување не само на работата со ученици од средно стручно училиште туку и напор да си докажеме себеси и на нашите сограѓани дека социјалното претприемништво има потенцијал.
Соработката со Слоу Фуд, пак, дојде многу органски.
Со професорката Василка се запознавме преку учениците-готвачи од претходните генерации кои ни кажуваа пофални зборови за неа и за Слоу Фуд. Со Слоу Фуд разговаравме и за локалните поддржувачи и зелената економија која пак АРНО ја поддржува преку организирање на годишен натпревар за зелени бизнис идеи.
Ја сакаме и вреднуваме мисијата на Слоу Фуд, и сега запознавајќи ги и другите нивни членови, се повеќе ги засакуваме и се дружиме.
Идејата на соработката беше да ги здружиме силите преку еден заеднички проект. Нам ни се виде особено интересно што тие имаат своја алијанса на готвачи и сметавме дека содржината на часовите, изборот на инструктори и теми треба да им припадне ним. Многу сакаме кога во ваквите партнерства секој си има своја улога и ја прави најдобро што умее.
Така, ние го понудивме нашето претходно искуство и идеја за Часовите за готвење од 2016., а тие се надоврзаа составувајќи оригинална понуда и нудејќи ги своите шефови.
Преку продажба на 50 ваучери за 5 часа за готвење сакаме да генерираме средства кои потоа ќе ги инвестираме во учениците-готвачи преку обуки кои ќе бидат корисни за нивната професија и кариера. Ова е една од целите, се разбира сакаме да го промовираме и бизнис-моделот на социјалното претприемништво, да го поканиме приватниот сектор да не поддржи бидејќи и тоа е поле на соработка недоволно искористено во земјата, сакаме да ги промовираме локалните произведувачи на храна, важноста на стручното образование и колку мораме да инвестираме во него ако сакаме иднина и вработување за младите и за крај, секако, сакаме да го промовираме концептот на партнерство и идејата дека навистина заедно сме посилни. Очекуваме дека и другите ќе ги препознаат нашите цели и ќе ни помогнат во нивното остварување“, вели Ирина.
На прашањето дали е таа вешта во кујната, одговара:
„Тешко ми е да одговорам на ова прашање затоа што, ако го прашате мојот партнер тој ќе рече дека сум маестро во кујната, ама ако прашаме некој готвач аматер ќе добијам можеби преодна оценка. Ете, како за момент на вистина и ексклузивно за Арткујна, ќе признаам дека фрустрацијата од неколку згрешени јадења ја сметам како одговорна за организирање на претходните часови за готвење.
Советите кои ги барав од мајка ми кога прв пат посериозно се обидев да готвам не беа соодветни за мене, за сѐ ми даваше инструкции „отприлика волку, ќе видиш-ќе осетиш“ и слични насоки, недоволно егзактни за мене. И тоа беше првиот „аха момент“ од кога се вратив од Англија и сакав да отвориме ресторан со учениците. Во тој момент сфатив дека готвење е полесно да се учи од професионалци, и дека часови за готвење во Македонија ќе бидат добредојдени за мене и за сличните на мене. Така да, и јас ќе бидам дел од часовите за готвење и овојпат, и планирам секое зготвено јадење да го однесам кај мајка ми на дегустација и критика. Инаку, сакам да сум во кујна кога имам време, ме смирува приготвувањето на храна и ми возвраќа со многу љубов“.