„Fare la Scarpetta“ или – да си ја измакаме чинијата

Макањето на чинијата до последната капка сос е дел од италијанската традиција, ама макањето пинџурче или ајварче со леб е дел и од нашата, нели?

0
195

Постои фраза на италијански јазик со која сите можеме да се идентификуваме. „Fare la Scarpetta“ што значи – „направи чевличе“, и се однесува на парче леб со кое се собираат последните траги сос од тестенини на чинијата.
Низ Италија, ваквото завршување на оброкот е многу популарно, но сè уште не е утврдено од каде потекнува. Според една теорија, се верува дека овој обичај потекнува од Венеција.

Според едно истражување за средновековните навики во исхраната, се смета дека  праксата на чистење на сосот со парче леб настанала со воведувањето на доматите во италијанската исхрана во доцниот 16 век. Претходно, сосовите биле погусти, а со воведувањето на доматите, сосовите станале поретки и било потребно дополнително да се „исчистат“.

Друга идеја во врска со обичајот „ла Скарпета“ е дека самиот леб станал прибор за јадење во време кога на фрлањето храна се гледало со голем прекор.

Постои уште една романтична легенда дека „ла Скарпета“ потекнува од „cucina povera“ (сиромашна кујна), од време кога луѓето биле толку гладни што ги јаделе ѓоновите од своите чевли. Бидејќи луѓето не јаделе редовно заради сиромаштијата, чистењето на чинијата до последната капка сос, имало многу смисла.

Како и со многу други италијански изрази, и самото образложение на фразата е визуелно: бришејќи со леб преку чинијата, прстот претставува нога што го турка лебот, кој претставува чевел. „Ла Скарпета“ е важен дел од италијанскиот оброк и со него се продолжува уживањето во јадењето.

Овој начин на бришење на чинијата е прифатлив за време на неформален оброк, но во формални ситуации и во јавност при туркањето на „чевелот“ мора да користите вилушка, а не прст за да ја „измакате“ чинијата.

Фото: Пинтерест