На покана на невладината организација „Уметност на живеење Македонија“, од 19 до 23 септември во Скопје ќе гостува естонската готвачка Јана Левитина која ќе одржи бесплатен двоневен курс за подготовка на оброци од безглутенска и бесказеинска храна за лица и деца со посебни потреби, а потоа и работилница за вегетаријанска и веганска солена и слатка храна која ќе се одржи од 21-23 септември.
На бесплатниот курс ќе имате можност да научите како лесно и правилно да ги подготвите јадењата и како да ги комбинирате за полесно воведување во менито на децата бидејќи начинот на исхрана потпомага за подобри ефекти на останатите терапевтски активности кај децата.
Јана Левитина е специјализирана за подготовка на здрави вегетаријански јадења, а има и исклучителен талент за здрави слатки специјалитети. Поради сето ова, ја побаравме и зборувавме со Јана за нејзиниот ангажман во родната Естонија, но и за она што таа го знае за Македонија и за македонската кујна.
Јана, доаѓате од Талин како искусна готвачка на вегетаријански и вегански јадења, со што се занимавате таму, дали работите како професионална готвачка, каде работите?
Јас сум од еден мал град во источна Естонија, наречен Јихви, но сега живеам во Талин. Последнава година работам како пекар во вегетаријанско ресторанче во Талин, и имам свој мал бизнис со вегански торти и колачи што го работам на страна од редовната работа во ресторанот Вигри.
Колку долго готвите и дали од почеток готвите исклучиво вегетаријанска храна, од кога се храните и самите на овој начин и зошто?
Професионално готвам во последните 4-5 години, а пред тоа, секако, од секогаш готвев дома. Кога решив да станам готвачка, веќе бев вегетаријанка, па да, веднаш почнав да готвам вегетаријанска храна и најчесто работев на строго вегетаријански места. Самата станав вегетаријанка не поради некоја посебна причина, туку поради сè по малку – мислам дека е тоа поздрав начин на исхрана, подобро е за животната средина и не вклучува непотребно страдање на животните.
Доаѓате во Македонија и водите работилница за здрава вегетаријанска храна .. дали знаете нешто за македонската кујна, дали првпат доаѓате во Македонија?
Да, за првпат доаѓам во Македонија. Знам нешто малку, генерално, за балканската кујна, но не знам многу за македонската кујна, незнам што е специфично за неа, но знам што се aivar и сарма!
Освен работилницата, ќе одржите и бесплатен курс за родителите на деца со посебни потреби, што ве мотивираше за ова?
Па, одгледувањето на децата е доволно тешко, а за родителите на деца со посебни потреби е уште потешко, па верувам дека секоја помош што може да ја понудиме – е потребна.
Кои се ваши омилени продукти за готвење?
Производи кои би требало да ги споменам се кокосовото млеко, авокадо, грашок, компири … многу различни производи. Но, јас сакам во готвењето да користам од сѐ по малку и се обидувам да не ги користам истите работи два пати во ред, па повеќето од продуктите што ги користам – би рекла дека се мои омилени до одреден степен.
Најдов еден веб-сајт наречен Vegamoonika … дали станува збор за вашиот бизнис со вегетаријански и вегански слатки кој го споменавте претходно?
Vegamoonika е името на мојот мини-бизнис со вегански торти во Естонија. Јас правам вегански, понекогаш и безглутенски и торти и слатки без шеќер, по нарачка.
Драгица Христова