Џејми Оливер од нашето маало

0
1840

Константин Русевски наскоро ќе полни 16 години, оди во гимназија, тренира кошарка, вози скејтборд, велосипед, излегува, се дружи, и тука некаде престануваат неговите вообичаени активности и сличностите со останатите деца на оваа возраст. Она по што се разликува од повеќето други деца на негова возраст е желбата за готвење.

Имено, веќе две години по ред, неговото присуство во кујната е повеќе од она што подразбира седнување на маса за да се изеде оброкот.

Освен на готово, Константин влегува во кујна и кога ќе реши самиот да зготви нешто за себе и за домашните.

Секогаш кога сака да јаде нешто што во моментот го нема, не го мрзи да си го направи самиот.

Првата работа што ја зготвил е ни помалку ни повеќе туку една од покомплицираните – тава со ориз.

„Тоа беше во периодот на Божикните пости кои семејно ги практикуваме со години, а јас од мои седум години. Во тој период нема некој голем избор за јадење иако мајка ми секогаш се труди да имаме соодветна замена за вообичаените намирници.

Бев деветто одделение. Си дојдов од училиште и бев мртов гладен. Ми се јадеше ориз и тоа токму таков каков што мајка ми го прави во рерна. И што ми преостануваше освен да ѝ се јавам и да ја прашам како се прави. Таа беше на работа и ми требаше малку време да ја убедам да ми објасни по телефон како да го направам затоа што сметаше дека е премногу комплицирано за некој кој во живот не зготвил ништо.

Сепак, ми објасни, го направив, и кога си дојдоа од работа, ручекот беше на маса. Да не се фалам, ама беше добар како оној нејзиниот. Ме гледаа малку чудно пред да седнат да јадат, но кога го пробаа сите беа воодушевени и веројатно, изненадени.

Потоа, многу често правев ориз до крајот на овие и на сите други пости. Секако, со време се испраксирав и веќе можев да експериментирам па освен со зеленчук, правев и ориз со морски плодови.

Следното што го научив беше омлет. Колку и да звучи лесно, знам дека во многу ресторани токму омлетот е тестот што треба да го поминат оние кои конкурираат за местото готвач или асистент на готвачот. Јас дефинитивно правам добар омлет!

Омлетот на Константин со сланина и зачини

Освен домашните, го пробале и моите двајца најстари другари од маало. Само тие и знаат дека сакам да готвам. Останатите веројатно ќе се изненадат кога ќе го прочитаат ова со оглед на тоа што готвењето баш и не е некоја тема за разговор додека си со другарите во скејт-парк или на кошарка“, се смее Константин.

Кога видел дека не е толку тешко, а и дека неговите дома се радуваат кога ќе направи нешто, се повеќе добивал желба за готвење.
Нормално, наместо да ја прашува постојано мајка му, почнал да пребарува рецепти на интернет.

„Почнав да ги следам Џејми Оливер и Гордон Ремзи, па ја испробав пицата по рецептот на Џејми, се разбира, мислам пред се, на тестото, а не само на филот, додека Ремзи ми е засега интересен најмногу поради односот кон луѓето“, вели тој.


Неодамна научил да прави и топло-ладно или како што уште се вика – Лава колач.

Топло – ладно

Не го мрзи често да си прави и помфрит, особено кога се постите, затоа што е тоа едно од неговите омилени јадења. Правел и мафини, а омилени му се тие со чоколадо и банана, неколку пати досега правел бурито со свинско мелено месо и зеленчук, а често наместо да оди во сендвичара како што најчесто прават неговите врсници, си подготвува хамбургери дома.

Сепак, признава дека понекогаш и тој го прави тоа.

„Прочитав дека наскоро во хотел „Мериот“ ќе има некој гастрономски настан и дека ќе доаѓаат готвачи од неколку земји кои ќе држат курсеви и обуки за готвење за заинтересираните. Претходно ќе има и натпревар на кој сакам да се пријавам бидејќи колку што разбрав, неколкумина ќе бидат одбрани за бесплатна обука кај готвачите. Се надевам дека и јас ќе бидам меѓу нив иако конкуренција ќе ми бидат ученици од средното училиште „Лазар Танев“.
Инаку, се уште незнам дали би сакал да бидам готвач и професионално да се занимавам со готвење. Сега сум втора година во гимназија, и засега планот ми е да студирам информатика, но ако ми тргне со готвењето, никогаш не се знае…“, завршува Константин.

Рецептот на Константин за Топло-ладно

Состојки:

3 јајца

110 г путер

60 г шеќер (ако не сакате да е премногу благо, ставете помалку)

60 г брашно

200 г црно чоколадо

Приготвување:

  1. Стопете го чоколадото и оставете го да олади на собна температура.
  2. Помешајте ги омекнатиот путер и шеќерот, а потоа додавајте ги јајцата, па чоколадото (сите состојки треба да се на собна температура), и брашното.
  3. Ставете ја смесата во калапи подмачкани со путер и печете ги на 200 степени од 10-15 минути.
  4. Послужете со топка сладолед од ванила.

Драгица Христова