Денови на италијанска кујна со светски познатата готвачка Катерина Чераудо

Специјалната гостинка е признаена и како најдобрата жена готвач за 2017 година од престижниот „Мишелински водич“

0
279

Израсната на семејната фарма со традиција од 16-тиот век, опкружена со винови насади и маслинови градини, дипломиран енолог на Универзитетот во Пиза и искуство во ресторани и со 3 Мишелински ѕвезди: Катерина Чераудо, денес еден од најсовремените и најинвентивните готвачи на Јужна Италија, ќе биде ексклузивен гостин на Деновите на италијанската кујна кои од 24 до 30 ноември се одржуваат во Дистрикт бар и ресторан.

Втората Недела на италијанска кујна во светот, која се одржува од 16 – 26 ноември, е настан од светски рамки, организиран под покровителство на италијанското Министерство за надворешни работи, со цел промоција на италијанската ено-гастрономска култура и традиција, сo посебен акцент на богатството на специјалитети и состојки типични за италијанските региони, нивната историја и територија под единственото лого “The Extraordinary Italian Taste”.

Во Скопје во рамките на Деновите на италијанската кујна вљубениците во префинетиот италијански вкус ќе имаат несекојдневна можност да ги пробаат кулинарските специјалитети инспирирани од традиционалната кујна на регионот Калабрија, подготвени со многу љубов и страст на модерен и инвентивен начин.

Таљатели со зајачко рагу, мешани пржени риби во сос од лимон и портокал, автентични њоки или пак традиционален медитерански бакалар, и сето послужено со уникатни маринади, сирења и зачини типични токму за овој предел на Италија, се само дел од специјалното мени кое ќе биде понудено во рамките на оваа недела.

Специјалната гостинка е признаена и како најдобрата жена готвач за 2017 година од престижниот магазин “Michelin Guide“, а нејзиниот живот го посветува на совршена креативна кујна, со особена почит кон регионот од кој потекнува, Калабрија, со цел на светот да му ја понуди најдобрата храна.

Денес таа работи како главен готвач во семејниот ресторан „Датило“ кој е лоциран во регион со несекојдневна убавина и исклучителен потенцијал, во срцето на семејната фарма. Семејството Чераудо произведува и квалитетно вино и ладно цедено маслиново масло, а многу од производите кои се служат во ресторанот доаѓаат директно од сопствените полиња на семејството. Отворен е во 2003 година како амбициозен проект на нејзиниот татко Роберто Чераудо, а од 2013 станува личен проект на Катерина Чераудо. Нејзиниот брат продолжува да работи на лозјето, нејзината сестра се грижи за промоција на бизнисот, додека таа до ден денес е целосно посветена на ресторанот, кој уште од 2012 година е закитен и со Мишелинска ѕвезда.

По нејзиното доаѓање во 2013, иако значително го менува менито, таа сепак успева да ја задржи престижната ѕвезда, нудејќи едноставна, префинета и елегантна кујна каде техниките на готвењето и страста се обединуваат во една единствена цел – да се покаже Југот на модерен начин.

„Токму културата и традицијата на мојот регион, меѓутоа со една исклучителна модерна нишка, сакам да ги преточам и во менито кое ќе го презентираме на Деновите на италијанската кујна во Скопје Мериот. Мојата девиза е дека конзистентноста, учењето и страста се трите важни состојки кои се потребни за да се биде подобар и токму тоа сакам да го комуницирам преку храната и со моите гости“, изјави Катерина Чераудо.

Деновите на италијанската кујна се организирани во соработка со Италијанската амбасада, а во текот на овие 7 дена за гостите на Дистрикт Бар и Ресторан ќе биде креирано уникатно мени со италијански предјадења, главни јадења и десерти со потпис на Катерина Чераудо.