Велат дека во Македонија секој ден е гозба. Познатиот македонски готвач Дејан Карапеев им пренесува на гледачите дел од гурманската магија на оваа убава земја, но и од Медитеранот, каде што живеел долго време.
Боите, вкусовите и мирисите, кои Дејан со леснотија ги презентира, никого не го оставаат рамнодушен.
„Сончева гозба“, првиот серијал за македонската кујна, снимен ексклузивно за единствениот регионален кулинарски ТВ канал – Kitchen TV, премиерно почнува да се емитува во понеделник, 8 април во секојдневните термини од 8:00, 14:00 и 20:00 часот.
– Досега секогаш ги користев намирниците кои ме опкружуваат. Тоа е најдобриот начин за презентација на храната. Долго време живеев на Медитеранот, па и таму готвев со локалните намирници, и тоа ми помогна да изградам некој свој стил и да ја презентирам мојата верзија на старите јадења.
Член сум на здружението на готвачи ММЦЦ, а посебно сум горд на здружението Слоу фуд Македонија, кое ми овозможи да готвам македонска храна на мој начин во Брисел.
Тие ми помагаат подобро да ги запознаам нашите, домашни намирници, но и нашата традиција и сето тоа да го презентирам на мој специфичен начин.
Така и оваа емисија на Kitchen TV ми овозможи да создавам нови јадења – вели популарниот македонски готвач, кој помеѓу другото, ќе ни ги претстави и традиционалните: кромидарник, селско месо, јагула на струшки начин, гравче со модар патлиџан, ширден, турлитава, полнети пиперки, дроб сарма, спанаќ со јагнешко, печен компир со сирење и лук…
Иако црвеното во срцето на Балканот е уште поцрвено, а лутото е навистина луто, луѓето се благи и подготвени да ги споделат тајните на оваа фантастична гурманска дестинација, велат во најавата за серијалот „Сончева гозба“ од Kitchen TV!