Дали треба да се јадат сирења со помалку маснотии?

0
707

Сирењето е преполно со заситени маснотии, па многу влади издале прехранбени смерници јкои препорачуваат дека луѓето би требало да јадат сирења со намален процент на маснотии.

Но, истражувачите на одделот за исхрана на Универзитетот во Копенхаген спровеле истражување со цел да се утврдат последиците од различните маснотии во сирењата врз холестеролот и „метаболичкиот синдром“ – фактори на ризик кои ги зголемуваат шансите за добивање на болести на срцето, дијабетес и мозочен удар. Истражувачите веројатно биле изненадени кога откриле дека сирењето со вообичаен процент на маснотии не ги зголемува тие фактори на ризик, барем кога станува збор за „лошиот“ холестерол.

Истражувањето се спроведувало 12 недели, a со него биле опфатени 139 испитаници кои биле поделени на три групи: луѓе кои јадат сирење со вообичаен процент на маснотии, луѓе кои јадат сирења со намален процент на маснотии и луѓе кои не јадат сирење. Групите испитаници кои јадат сирења консумирале 80 грама сирење дневно.

Резутатите покажале дека ниту една од групите кои консумирале сирење нема никакви значајни промени во нивото на „лошиот“ холестерол, крвниот притисок, нивото на инсулин, глукоза и во обемот на половината. Меѓутоа, при крајот на истражувањето, на луѓето во групата која консумирала сирења со вообичаен процент на маснотии им се зголемило нивото на „добар“ холестерол. Присутноста на „добриот“ холестерол е позитивно за организмот затоа што помага за одржување на ендотелата на крвните жили, што помага за спречување на состојби како атеросклерозата која може да доведе до срцев и мозочен удар.