Дали сте подготвени да го вкусите Виетнам?

0
565

Хуонг Нгуен која заедно со шеф Гоца Каникова и тимот на кујната на Јавна соба ќе ви ги донесе виетнамските вкусови во Скопје, како дел од проектот „Вкусот на Скопје“ на Public Room, е по потекло од Хо Ши Мин, најголемиот град во Виетнам и активно се занимава со кулинарство подолг период. Од неодамна е среќно омажена за Македонец па и ако ја пропуштите оваа вечер во Јавна соба, сепак ќе имате и други можности.

Вкусовите од Виетнам ни се многу помалку познати отколку вкусовите на кинеската или талјандската кујна. Можете ли да ни кажете што ја прави виетнамската кујна посебна и различна од другите азиски кујни?

Карактеристично за виетнамската храна е дека во традиционалниот начин на подготвување се користат многу свежи состојки, тревки и зеленчук, богата е со различни текстури и вкусови, а се користат минимални количини на млечни производи и масло. Поради избалансираниот однос на свежи тревки и месо и одбраните зачини кои даваат префинет вкус, виетнамската се смета за една од најздравите кујни во светот. Главните разлики со кинеската и тајландската кујна се тие што во кинеската кујна се користи многу повеќе масло и се пржи многу повеќе храната, а во тајландската кујна се користат многу повеќе кокосово млеко, шеќер и чили пиперчиња.

На што се должи тоа што е виетнамската кујна една од најздравите?

Генерално користиме многу свеж зеленчук и тревки и начинот на подготвување е едноставен и здрав. Бидејќи имаме море, конзумираме многу свежа риба и морска храна. Исто така, бидејќи климата е тропска, во Виетнам има изобилие од тропски овошја како манго, ананас, папаја, авокадо итн.

Кое влијание е поголемо во виетнамската храна, азиското или француското?

Виетнам била француска колонија и секако дека француската кујна има големо влијание во виетнамската кујна, но сепак најголемото влијание е од другите кујни од Југоисточна Азија. Сепак, виетнамската храна е посебна и многу автентична.

Кое е најегзотичното јадење од Виетнам?

Виетнам има многу егзотични јадења. Едно од најинтересните и најегзотични јадења е крцкав рак со мек оклоп што се служи со слатко-кисел сос. Најинтересното за ова јадење е тоа што ракот може да се јаде со цел оклоп.

Која е најпопуларната „брза храна“ во Виетнам?

Во Виетнам концептот е поразличен од западната „брза храна“ и се нарекува „улична храна“. Има многу мали улични ресторанчиња што подготвуваат најразлична храна и најчесто тоа е здрава и вкусна храна. Најпопуларни „улични јадења“ се: „Pho“ говедска или пилешка супа со оризови тестенини и „Banh mi“ – сендвич во багет што се подговува со различно месо и сосови, млад кромид, краставица, кисел дајкон или морков и свеж коријандер.

Сте имале ли можност да го пробате најпознатото брзо јадење во Македонија, бурекот?

Секако дека имам пробано бурек и најмногу ми се допаѓа бурек со месо во зимските денови.

Дали во Виетнам има многу ексклузивни ресторани, можеби со Мишелин ѕвездички?

Во Виетнам има голем избор на „фајн-дајнинг“ ресторани и ексклузивни хотели, а во тие ресторани често гостуваат и врвни готвачи наградувани со Мишелин ѕвездички. Во Хо Ши Мин или Ханои можете да најдете француски, италијански, шпански, аргентински, јапонски и ресторани што нудат секаква азиска храна.

Што научивте досега за македонската кујна и дали можете да ја споредите со виетнамската?

Македонската кујна ми е одлично позната и ми се допаѓаат јадења како сарма, полнети пиперки, турли тава или ќебапчиња. Многу ми се допаѓа киселата зелка и често сакам да приготвувам подварок во зимските денови. Разликата помеѓу виетнамската и македонската кујна е во начинот на подготвување. Македонската храна се подготвува подолго и побавно, а виетнамската се подготвува побргу и се користат и конзумираат многу свежи состојки.

Дали успеавте да ги најдете тука сите потребни состојки?

Да, успеавме тука да ги најдеме сите состојки потребни за менито на настанот „Вкусот на Виетнам“, но генерално изборот на азиски состојки и производи е многу ограничен.

Ајде предложете ни некој рецепт што секој од нас може да го подготви дома?

Со задоволство би препорачала „Свежи ролнички од листови од ориз“, кое е едно од најпознатите виетнамски јадења. За подготовка се потребни: листови (или кори) од ориз, тенки парченца динстано свинско месо, обарени ракчиња, листови од свежа салата, минт и коријандер. Листовите од ориз се навлажнуваат за да омекнат. На нив се редат месото, ракчињата, листовите салата и тревките и се виткаат ролнички. Се послужуваат со ароматичен сос кој се приготвува од: 3 лажици рибји сос, 1 лажица шеќер, ситно сецкан лук, чили пиперчиња и сок од зелен лимон.

Текст: Драгица Христова