Пред 6 години, по 16 години на македонскиот пазар „Мекдоналд Европа“ го прекина договорот за франшиза со македонската фирма „СЈ компани“. Тогаш се затворија седумте ресторани на Мекдоналдс на територијата на Македонија.
Најмногу за ова жалеа децата кои растеа во овој период и често своите родендени ги прославуваа токму во Мекдоналдс рестораните. Токму тие, секое патување надвор од државата го користат за да се потсетат на своите омилени Мекдоналдс вкусови. Честопати и нивните родители како подарок од своите патувања, наместо кукли, плочи, книги, разноразни игри или сувенири, им носат Биг Мек. И самите кога одиме некаде, знаеме да се „почестиме“ со некоја од многуте нови варијанти кои во меѓувреме почнале да се прават, како на пример, оваа со гвакамоле сос во Љубљана. И да ви кажам, колку и да ни се чинеа вкусни, добро е и здраво што ги немаме.
Исланд е прва земја во Европа што го затвори Мекдоналдс
Исланд беше прва европска земја која ги затвори сите Мекдоналдс ресторани, во 2009. година, во текот на економската криза.
Откако е основан во САД, во 1940.година, Мекдоналдс порасна во најголем и напознат светски синџир на брза храна.
Дневно послужува околу 68 милиони потрошувачи во 119 земји во дел од светот.
Иако и денеска има голема војска на потрошувачи, Мекдоналдс е често на ударот на бројни критичари. На компанијата најмногу ѝ се забележува тоа што настојува да го зголеми профитот на сметка на здравјето на нивните потрошувачи нудејќи им нездрави намирници.
Зошто се штетни производите на Мекдоналдс?
Мекдоналдс ја промовира својата храна како хранлива. Меѓутоа, стручњаците сметаат дека станува збор за брза храна со висок процент на масти, со многу шеќер и сол.
Ваквата исхрана го зголемува ризикот од крвожилни и срцеви заболувања, дијабетес, алергии, дебелина, рак и многу други болести.
Широката јавност ја запозна и другата страна на храната од Мекдоналдс од документарниот филм „Супер голем јас“ (Super Sized Me).
Овој филм од 2004. година се позанимава со истражување на влијанието на брзата храна врз зголемувањето на дебелината. Авторот на филмот, американскиот независен филм-мејкер Морган Спурлок, оценил дека е Мекдоналдс одговорен за зголемувањето на стапката на дебелина во САД, затоа што на купувачите не им дава нутриционистички информации за своите производи.За да ги докаже своите ставови, Спурлок 30 дена се хранел со супер сајз менијата од Мекдоналдс. Јадел три пати на ден внесувајќи во организмот околу 5000 калории, со застрашувачки последици.
За еден месец добил 11 кг, телесната маса му се зголемила за 13 отсто, a холестеролот пораснал на 230. Претрпел и промени на расположението и сексуална дисфункција. Шест месеци подоцна Мекдоналдс ги повлекол супер сајз менијата и наместо тоа вовел Happy Meal.
Се разбира дека ниту еден просечен потрошувач не јаде само брза храна три пати на ден, секој ден цел месец, но Спурлок го докажал штетниот потенцијал на храната која се служи во рестораните на оваа џиновска корпорација.
Зошто Мекдоналдс не се расипува?
На некои набљудувачи им е сомнително дека храната во Мекдоналдс останува свежа неверојатно долго, па понекогаш дури и со години.
Фотографката Сали Дејвис во 2010. започнала проект Happy Meal, кога во еден Мекдоналдс ресторан купила хамбургер и помфрит и одлучила да ги слика.
Ги фотографирала секои неколку дена, се додека не се расипат, но и после 137 дена, тие изгледале подеднакво добро, без мувла и габи.
Единствената разлика е забележена во зголемената тврдост на месото. Ова не е изолиран случај, а забележан е и хамбургер стар дури 14 години.
Мекдоналдс објаснил дека хамбургерите во текот на приготвувањето и тостирањето стануваат суви, а кога дополнително ќе се остават на отворено, ја губат влагата па заради тоа долго време не покажуваат знаци на скапување. Сепак, многу потрошувачи и стручњаци сметаат дека вистинска причина за ова се бројните конзерванси кои Мекдоналдс ги користи во приготвувањето на храната.
Меѓутоа, се претпоставува дека за овој феномен не се виновни само конзервансите.
Мерион Нестле од Универзитетот во Њујорк смета дека Мекдоналдс веројатно користи големи количини натриев пропионат за да го спречи развојот на бактерии или мувла во храната.
Инаку, Мекдоналдс многу се труди да ја подобри својата репутација. Последните години презема бројни мерки усмерени на воведување на здрави состојки во својата храна и на намалување на потрошувачката на енергија и штета врз околината.
Бидејќи станува збор за моќна и влијателна компанија никогаш не можеме да бидеме сигурни дали извештаите за позитивните промени во политиката на Мекдоналдс се автентични или разубавени во пријателските медиуми.
Но, што и да е вистината, видовме дека може да се живее и без Мекдоналдс, се додека ѝ даваме предност на свежата и органска храна.